1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената интервенција е без алтернатива

Лоај Мудун/ Александра Трајковска 28 август 2013

Со употребата на хемиско оружје против цивилното население дефинитивно е пречекорена црвената линија што ја постави претседателот Обама. Западот ќе мора воено да интервенира против режимот на Асад, смета Лоај Мудун.

https://p.dw.com/p/19XtX

Дека во Сирија е употребено хемиско оружје, чија употреба во меѓународни рамки не е дозволена, во меѓувреме нема веќе сомнеж. Страшните фотографии и видеа на мртви деца и жени како и повредени цивили со невротоксични симптоми јасно ја потврдуваат употребата на отровен гас.

Deutsche Welle Kultur Hintergrund Qantara Loay Mudhoon ALTES FORMAT
Лоај Мудун, екперт за ислам на Дојче велеФотографија: DW

Пред сѐ информациите на угледната организација за помош Лекари без граници, која работи со години во Сирија и која стои во тесен контакт со тајните болници, го потврдува бестијалното масовно убиство во Сирија.

„Црвената линија“ е пречекорена

Со употребата на ова меѓународно забрането оружје за масовно уништување против цивилно население дефинитивно е пречекорена црвената линија што ја дефинираше Барак Обама. За потсетување, во август минатата година американскиот претседател пред светската јавност јасно стави до знаење дека нема да толерира употреба на хемиско и биолошко оружје во сириската граѓанска војна. По стотици мртви и илјадници повредени најмоќниот човек на светот сега сепак мора да биде доследен на сопствените зборови.

Поради оваа причина - со голема веројатност - наредните денови коалиција предводена од САД ќе мора да преземе мерки против воените пунктови на режимот на Асад. Не само од морални причини, на американскиот претседател не му останува друг избор. Многу повеќе - Западот не смее да дозволи преседан за употреба на хемиско оружје во ова буре барут, доколку сака да спречи идни напади со оружје за масовно уништување.

Згора на тоа итно неопходно е, со оглед на бескурпулозноста на режимот на Асад, и во контекст на тоа дека тој го поседува најголемиот арсенал со хемиско оружје на Блискиот Исток.

Конфликтната констелација е непроменета

Иако воениот удар на САД против властодржецот во Дамаск се чини дека е само прашање на време, многу прашања се отворени. Пред сѐ прашањето за конкретните политички цели на оваа ограничена интервенција.

Уште сега се знае дека очекуваното дводневно бомбардирање на сириските воени пунктови треба да претставува само застрашувачка казнена акција. Таа нема да го запре крвопролевањето, исто така најверојатно не би се променила ниту констелацијата на силите и односите на завојуваните страни во овој многу комплексен конфликт. Сепак останува надежта дека евентуално заслабување на Асад би можело да го придвижи на готовност за преговори.

Оттука меѓународната дипломатија мора целно сѐ да положи во тоа сите завојувани страни да седнат на преговарачка маса, се разбира исто и пријателите и поддржувачите на Асад, Кина, Русија и Иран.

Парадоксално, токму претстоечката воена акција на САД нуди нови неочекувани шанси за мултинационално да се постапува по овој конфликт. Имено, ниту Русија, ни Кина не се заинтересирани за омекнување на меѓународната забрана за хемиско оружје. И ако се земе во предвид дека сириската граѓанска војна не би завршила и по пад на режимот на Асад, заедничка интервенција на меѓународната заедница е единствениот пат за да заврши сириската трагедија.