1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воени закани од Израел

12 февруари 2008

Во појасот на Газа се засилени конфронтациите меѓу Израел и радикално исламистичкиот Хамас. Градот Здерот на границата кон Газа постојано е под ракетниот терор на милитантните Палестинци. Израел се заканува со војна

https://p.dw.com/p/D6Cp
Израелските погранични населби-мета на палестинските ракетиФотографија: AP
Израелскиот премиер Ехуд Олмерт денеска во Берлин води официјални разговори со канцеларката Ангела Меркел.Во фокусот е подготовката на првите германско израелски владини консултации, кои ќе бидат одржани во март во Ерусалим. Олмерт ќе се сретне и со германскиот претседател Хорст Келер и претседателот на Бундестагот Норберт Ламер. Израелскиот премиер ќе бара засилување на притисокот врз Иран поради спорот со неговата атомска програма, а тема ќе биде и блискоисточниот мировен процес.
Ситуацијата се заострува
Во појасот на Газа се засилени конфронтациите меѓу Израел и радикално исламистичкиот Хамас. Градот Здерот на границата кон Газа постојано е под ракетниот терор на милитантните Палестинци. Израел се закани дека со сила ќе се пресмета со палестинскиот Хамас поради растечкиот број ракетни напади од појасот на Газа врз израелска територија. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак најави засилување на воздушните напади и копнените акции и подготовка на офанзива во Газа. На викендот во Здерот загина две лица, едно од нив шестгодишно дете. Граѓаните поради ваквата ситуација протестираат пред Министерството за одбрана во Тел Авив: „Како да живееме?Мораме да го алармираме светот. Морам ли да доаѓам овде за крајно луѓето да ја разберат ситуацијата на малите деца,“револтирана е оваа жена. „Зошто сум налутена? Дали треба да останам мирна и покрај се? Ниеден ден, ниедна ноќа без напади, погодени сме сите, и нашите деца“, дополнува друга Израелка. Ваквиот притисок покажа влијание врз израелската влада. Министерот за внатрешни работи Меир Шеетрит изјави: „Мораме да демонстрираме сила. Тоа значи,да ја исчистиме областа во која оперираат терористите. Треба да ги предупредиме жителите на населбата да ги напуштат нивните куќи и потоа се да уништиме. “ Во моментов е намалено и лиферувањето струја за појасот на Газа за пет проценти. Највисокиот суд на земјата одобри санкции против цивилното население во Газа.
Постапки со далекусежни последици
За израелската адвокатка Сари Баши пак ова сето е незамисливо: „Израелското раководство не мисли да престане. Тоа се обидува намерно да го казни цивилното население без да размислува подолгорочно за последиците и значењето. Постои мировен процес, кој предвидува населението од Газа да не се изолира и казнува. Но, тоа е недоволно. Не може луѓето да бидат терани во сиромаштија, да се ставаат во зависност од хуманитарните пратки и да се очекува дипломатско решение и подобри односи.“ Адвокатката е претседателка на израелска организација за човековите права. Таа ги осудува како нападите на милитантните Палестинци така и однесувањето на израелската влада. Во моментов израелскиот премиер Олмерт одбива влегување на израелската армија во Газа, зашто сеуште му се свежи последиците од неуспешната војна во Либан. Но и затоа што многумина Израелци не се подготвени на нови воени авантури и дополнителни жртви.

►◄