1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воено злосторство или одбрана на земјата?

29 октомври 2009

Денеска (29.10.2009) во Трибуналот во Хаг започна првото рочиште од жалбената постапка по пресудите за Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски. Адвокатот на Тарчуловски бара негово ослободување.

https://p.dw.com/p/KIgj
Трибуналот во Ден ХагФотографија: dpa - Fotoreport

Одбраната на Тарчуловски прва доби можност да ги презентира своите докази со кои бара поништување на 12-годишната затворска казна за Тарчуловски поради акцијата во селото Љуботен на 12 август 2001 година.

Адвокатот Алан Дершовиц побара ослободителна пресуда за Тарчуловски, оценувајќи дека не постојат никакви докази за воени злосторства во селото Љуботен.

Според Дершовиц, централното прашање на кое треба да одговори Судот е - дали во Љуботен се работело за легитимна воена операција која предизвикала и цивилни жртви? Тој рече дека и обвинителството признало оти на Тарчуловски му било наредено да изврши претрес на селото, а Судот во пресудата прифатил дека имало легитимни причини полицијата да влезе во селото, односно имало присуство на припадници на ОНА.

Според Дершовиц, од пресудата произлегува дека Јохан Тарчуловски бил единствениот виновник за целиот конфликт во Македонија во 2001 година.

„Пораката која се испраќа со овој случај, а тоа е целосно погрешна порака, е дека овој млад човек е единствениот и најголем престапник во македонскиот конфликт. тој е единствениот кој е во затвор поради конфликтот во Македонија“.

Оспорување на јурисдикцијата на Судот

На изненадување на обвинителството, бранителите на Тарчуловски одлучија повторно да ја оспорат јурисдикцијата на Хашкиот Трибунал за овој случај, и покрај тоа што Судот уште на почетокот на процесот расправаше за ова прашање.

„Ние директно ја оспоруваме јурисдикцијата на судот за овој случај, кој според нас не е случај на воено злосторство. Доколку и има некаков криминал, тој треба да биде под надлежност на македонските судови“.

Mazedonien
Од конфликтот во Македонија во 2001 годинаФотографија: AP

Двајцата застапници на обвинението побараа отфрлање на тезите на Дершовиц. Обвинителката Лорал Бејк рече дека одбраната не претставила ниту еден нов доказ во прилог на барањето за ослободување на Тарчуловски.

„Обвинителството докажа дека Тарчуловски го испланирал, наредил и предводел нападот чија единствена цел било да се изврши одмазда врз жителите на селото Љуботен поради нивната наводна поддршка за припадниците на ОНА“.

Пречка за враќање на мирот?

Излагањето на одбраната на Тарчуловски веројатно ќе предизвика нови контроверзи во македонската јавност, која и онака е поделена во однос на целиот случај. Имено, Дершовиц во еден момент пред судиите изјави дека за ослободувањето на Тарчуловски од затворот во Шевенинген, поддршка дале и припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.

„Неодамна претставниците на албанската заедница, соопштија дека нема да се противат на завршница за оваа ситуација. Односно, според многумина фактот што обвинетиот е единствен во затвор претставува пречка за враќање на мирот“.

Очекувањата се дека по завршувањето на распитот, на судиите ќе им бидат потребни најмалку 30 дена за да ја донесат конечната пресуда. Адвокатот Антонио Апостолски претходно за Дојче Веле изјави дека очекува пресудата да биде соопштена кон средината на декември, или на почетокот на февруари следната година.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска