1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воен злосторник примал државна помош

18 ноември 2009

Во Карлсруе денеска (18.11.2009) беше уапсено лице осомничено за воени злосторства во Руанда. По Игнаце Мурванашјака веќе една година е распишана меѓународна потерница. Сепак, тој досега слободно живееше во Германија.

https://p.dw.com/p/KaDN
Армијата на Руанда има големи проблеми со ФДЛР, бунтовничката група што ја предводи МурванашјакаФотографија: picture-alliance / dpa

Игнаце Мурванашјака живееше во едноставна семејна куќа во близина на железничката станица во Манхајм. Тој во Германија е признат како бегалец и прима државна поддршка. На германското правосудство досега му беше тешко да му пријде, бидејќи во Германија досега недостасуваа сведоци кои би ја потврдиле неговата улога како лидер на вооружената милиција на племето Хуту наречена Демократски сили за ослободување на Руанда, скратено ФДЛР. Мурванашјака во интервјуа за медиумите отворено признаваше дека ја предводел оваа бунтовничка група базирана во источно Конго, која веќе 15 години води војна против Руанда. Во неа се борат голем број од извршителите на геноцидот во Руанда во 1994 година. Тие и денес се одговорни за бројни злосторства.

Редовна телефонска врска Германија - Конго

Според Харалд Хинкел, експерт за демобилизација, ФДЛР е најголема пречка за мирот во регионот:

„ ФДЛР како и претходно е најголемата странска вооружена група во Конго. Нејзиното присуство е безбедносен проблем и за Конго и за Руанда и таа секојдневни извршува криминални акти против населението во Конго“

Völkermord Friedhof Ruanda
Гробишта на жртвите од геноцидот во РуандаФотографија: AP

ОН сакаат да ја разоружаат ФДЛР. Покрај разните програми за реинтеграција и демобилизација на нејзините борци, ОН спроведуваат и стратегија за онеспособување на активностите на лидерите на ФДРЛ. Меѓутоа водачот на ФДЛР Игнаце Мурванашјака и неговиот заменик Стратон Мусони живеат во Германија и од таму му издаваат наредби на главниот командант на ФДЛР во Конго Силвестре Мудакумура . ОН им влегоа во трага на фиксниот телефон на Мурванашјака во Манхајм и на сателитскиот телефон на Мудакумура во Конго, констатирајќи дека двајцата телефонираат редовно.

Битно е да му се суди на Мурванашјака

Тоа го потврдува и Паул Рваракабије претходникот на Мудакумура како главен командант на ФДЛР:

„ Кога ситуацијата беше тешка, тогаш разговарав со Мурванашјака на секои три дена. Инаку говоревме еднаш неделно Јас морав да му ја опишам ситацијата. Тој ме информираше за политичките цели, ги изнесуваше неговите идеи, кои јас потоа морав да ги спроведам воено“.

Тоа што Мурванашјака слободно оперираше од Германија , наидуваше на критики во Руанда. Во минатата година државното обвинителство на оваа земја издаде меѓународна потерница по него. Германија меѓутоа објави дека нема да го израчи Мурванашјака зашто во Руанда не може да му биде гарантирано фер судење. Но за руандските власти не е од одлучувачко значење, каде ќе му биде судено на лидерот на ФДЛР.

Автор: Симоне Шлиндвајн/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска