1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Возбудлив спортски викенд

30 мај 2011

Барселона суверено до титулата во Лигата на шампионите; Германија со победа против Уругвај подготвена и за претстојните две средби од квалификациите за ЕП; валкани игри спроти изборот на претседател на ФИФА.

https://p.dw.com/p/11Qga
Барселона поуспешна од Манчестер ЈунајтедФотографија: dapd

Барселона ја прослави четвртата титула во Лигата на шампионите и во тој поглед го достигна билансот на Баерн Минхен и Ајакс Амстердам. Во саботата вечерта во Лондон се повтори исходот од финалето пред две години во Рим. Милионите крај малите екрани и 87 700 гледачи на трибините на Вембли се осведочија за разликата во класата - Манчестер Јунајтед не му беше дораснат противник на шпанскиот тим, а желбата за освојување на трофејот беше во голем расчекор со можностите, па Англичаните останаа на досегашните три титули во најквалитетното европско клупско фудбалско натпреварување. Човекот околу кого се вртеше се’, 23-годишниот Лионел Меси, освен со извонредната игра, уште и со еден гол придонесе за победата од 3 спрема 1. Тоа беше негов 12 гол во штотуку завршената сезона во Лигата на шампионите, со што го израмни и рекордот на Холанѓанецот Руд ван Нистелрој од сезоната 2002/2003.

Германија ја продолжи победничката серија против Уругвај

Во местото Зинсхајм, на стадионот на бундеслигашот Хофенхајм, во пријателски натпревар и своевидна реприза на борбата за трето место на минатогодишното светско фудбалско првенство, Германија уште еднаш го совлада Уругвај со 2 спрема 1. Лани на модијалот во Јужна Африка беше 3 спрема 2. Средбата е во рамките на подготовките на Германците за претстојните натпревари од квалификациите за европското првенство, оти веќе на 3 јуни ќе играат против Австрија, а четири дена подоцна и против Азербејџан. Првенството во Бундеслигата заврши пред две недели и фактички за професионалните фудбалери веќе започна летниот одмор, но германските фудбалери покажаа дека не загубиле многу од натпреварувачката форма. Победата ја обезбедија Марио Гомес и Андре Ширле уште во првото полувреме, а Уругвајците со гол на почетокот од вториот дел се погрижија за неизвесност до крајот.

Deutschland gegen Uruguay 2011
Германците славеа победа над екипата на УругвајФотографија: picture alliance/dpa

„Се разбира дека му се радувам на првиот гол во дресот на репрезентацијата, но поважна беше победата за да добиеме самодоверба пред важните квалификациони средби“, изјави за својот прв гол во третиот настап во А-селекцијата 23-годишниот Ширле, доскорешен играч на Мајнц, кој во иднина ќе настапува за Баер Леверкузен.

На натпреварот деби во репрезентацијата имаше Бенедикт Хеведес, играч на Шалке, 46-ти дебитант откако Јоахум Лев ја води репрезентацијата, а повредата го спречи и Марко Ројс од Борусија Менхенгладбах да биде 47-от. По 19 месеци пауза поради повреда во националниот тим се врати Симон Ролфес од Баер Леверкузен, а Мирослав Клозе го одигра 109 натпревар, со што го потисна Јирген Клинсман од второто место по број на настапи. Рекордер е Лотар Матеус со 150 средби во дресот на репрезентацијата.

Ова беше единаесетта средба на Германија со Уругвај и осма победа. Два натпревара завршија нерешено, а единствениот пораз Германија од Уругвај го доживеа пред 83 години, на олимпијадата во Амстердам, и тоа со 4 спрема 1. Приходот од 4,3 милиони евра од неделната средба е наменет за фондациите на Германскиот фудбалски сојуз.

ФИФА ја тресе нов скандал

Fußball FIFA Präsident Sepp Blatter
Јозеф БлатерФотографија: AP

Светската фудбалска асоцијација ФИФА е потресена од нов корупциски скандал. Заменик претседателот Мохамед Бин Хамам и потпретседателот Џек Ворнер се суспендирани на 30 денови поради обид за поткуп на 25 фудбалски функционери секого со по 40 илјади долари, за да гласаат за избор на Бин Хамам за претседател на ФИФА. Истовремено е симнато сомневањето од актуелниот претседател Јозеф Блатер дека знаел за аферата, но не ја пријавил.

Етичкиот комитет на ФИФА не нашол никакви основи за вина на Блатер. Така 75-годишниот Швајцарец в среда веројатно со акламација ќе добие уште еден натамошен мандат на чело на ФИФА. Изборот ќе се сведе на фарса, а аферата претставува натамошен удар врз веќе нарушениот углед на светската фудбалска асоцијација.

Фетел и натаму неприкосновен

Formel 1 Rennen in Monaco 2011
Себастијан ФетелФотографија: dapd

Во шестата трка од годинашново светско првенство во автомобилизам Формула еден, актуелниот светски првак Себастија Фетел ја постигна петтата победа и веќе сега најави успешна одбрана на титулата. Тој имаше пол-позиција, што на кривулестите улици на Монте Карло претставува решавачка предност, но до победата дојде по една напорна и по малку хаотична трка. Победата фактички му беше загрозена во неговиот бокс, оти при промена на гумите Фетел остана речиси двојно подолго од вообичаеното време, па во еден период Џејсон Батон беше во водство. Во нивниот дуел кон крајот се вмеша и Шпанецот Фернандо Алонзо. Во напната завршница Фетел ги сочува нервите и победи. Во светското првенство тој води со 143 бодови. Луис Хамилтон на второто место заостанува за 58, а Вебер на третото за 64 бодови.

Автор: ЗЈ/ЖА/дв/дпа

Редактор: Трајче Тосев