1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воздржана реакција на грчките инвеститори во Македонија

Горан Петрески 27 март 2008

Бизнисот е бизнис, а политиката е политика, велат грчките инвеститори во Македонија, воздржано реагирајќи на спорот за името, меѓу Скопје и Атина.

https://p.dw.com/p/DViF
Текстилна трговијаФотографија: AP

Грчките инвеститори во Македонија со доза на воздржаност ја очекуваат политичката разрешница на спорот со името на релација Скопје - Атина. Тоа е разбирливо ако се има предвид фактот дека вкупниот обем на грчки инвестиции во Македонија достигнува речиси милијарда долари. Со 15 процентно учество во вкупните инвестиции, Грција е рангирана на второто место на листата на странски капитал во Македонија.

Телекомуникациите, нафтениот бизнис, прехрамбената индустрија, градежништвото, трговијата, финансиите, речиси не постои сектор што не е допрен од грчкиот капитал. Грчките компании во Македонија вработуваат околу 20 илјади луѓе. Освен големите групации, во Македонија се присутни и стотици помали грчки фирми, главно позиционирани на југот од земјата во текстилниот бизнис.

Ниту големите фирми ниту малите бизниси не сакаат да веруваат дека политичкиот спор може да им го попречи работењето. Сметаат дека на нивните инвестиции во Македонија можат повеќе да влијаат економските отколку политичките проблеми.