1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волерс: Името е работа на Македонија и Грција

13 септември 2011

Надминувањето на спорот со името е работа на Македонија и Грција, а САД можат да помогнат единствено со совет, изјави новиот американски амбасадор во Скопје Пол Волерс.

https://p.dw.com/p/12Y9W
Американската амбасада во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Пол Волерс изрази поддршка за процесот околу името воден под покровителство на Обединетите Нации и посочи дека САД ќе го поддржат секое решение што ќе произлезе од разговорите меѓу Скопје и Атина.

„Очигледно е дека нашата позиција за името не се променила. Ние ја признавме Република Македонија. Сфаќаме дека е големо прашање. Ние го поддржуваме процесот воден под покровителство на Обединетите Нации и било кој резултат што ќе произлезе од разговорите меѓу Грција и Македонија, што заеднички ќе го договорат, ние ќе го поддржиме. Тоа не е прашањето ние треба да го решаваме, туку тоа е прашање што вие треба да го решавате, но ние ќе бидеме тука за помош и совет колку што можеме. Позицијата во врска со ова отсекогаш била истата“, рече тој.

Новиот американски амбасадор ги посочи областите во кои Вашингтон очекува напредок:

„Не би рекол дека има назадување на нивото на демократија. Мислам дека секогаш има прашања со кои треба да се соочите, имало отворени прашања и претходно, што значи дека ова не е нешто ново. Но, мислам дека има прашања што дефинитивно треба да бидат надминати и со кои мора да се соочите, во поглед на владеењето на правото, независноста на судството, независноста на медиумите - тоа се важни фактори во секоја демократија. Македонија не е ништо поразлична од било која друга земја и Македонија треба да се соочи со отворените прашања како секоја друга земја“, рече Волерс.

Пол Волерс е шестиот амбасадор на САД во Република Македонија. Тој е дипломат од кариера, кого американскиот Сенат на 2 август годинава едногласно го потврди како амбасадор на САД во Република Македонија. Волерс на амбасадорската функција доаѓа на местото на Филип Рикер,кој сега е заменик помошник државен секретар во Бирото за Европски и Евроазиски прашања во Стејт Департментот.

Автор: ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Б.Георгиевски