1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волерс: Остануваме на цврстите врски со Македонија

ЕМФ/макфакс7 ноември 2012

САД и по претседателските избори и реизборот на Барак Обама, ќе продолжи да одржува цврсти врски со Македонија и со регионот, порача американскиот амбасадор во РМ, Пол Волерс.

https://p.dw.com/p/16e3L
Фотографија: MIA

На настанот во Скопје, што го организираше американската амбасада, а на кој се следеа резултатите од претседателските избори во САД, американскиот амбасадор Пол Волерс потенцираше дека Македонија нема подобар пријател од САД и изрази очекување за натамошен развој на американско-македонските односи.

„Сакам да нагласам, како што реков неколкупати во последните неколку недели, дека ќе има континуитет во надворешната политика на САД во поглед на нашите односи со регионот и со Република Македонија. Знам дека двајцата кандидати и двете партии сакаат да ги одржиме нашите цврсти односи со народот на Македонија и со регионот. Имаме цврсти врски и јасно верувам дека Македонија нема подобар пријател од САД. Очекуваме дека нашите односи ќе продолжат да се развиваат во престојните недели, месеци, години и децении“, рече Волерс.

Обама победи и во Скопје

На настанот во Скопје, инаку, присуствуваа преставници од македонската влада, локалните власти и јавните институции, како и од невладиниот сектор, академската заедница, бизнисот, медиумите и од меѓународната заедница. Сите присутни се изјаснија за еден од кандидатите за претседател на САД. Прита, Обама ја доби довербата од мнозинството гости.

За Обама гласале 116 гости, 48 се изјасниле за републиканскиот кандидат Мит Ромни, додека извесен Гери Џонсон добил еден глас.

„Не сум точно сигурен кој е точно Гери Џонсон, но сепак тој доби еден глас. Како и да е, ние сме на победничката страна со 116 гласови што ги освои претседателот“, рече американскиот амбасадор Пол Волерс.