1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

160509 Bundesliga 33. Spieltag

18 мај 2009

„Волците“ извојуваа убедлива победа во Хановер против истоимената екипа со 5:0 и пред последното коло водат на табелата со 66 бодови. До последен момент останува неизвесност на дното на табелата.

https://p.dw.com/p/Hsik
Дуод од соништата, Џеко и ГрафичФотографија: AP

Во една од највозбудливите завршници на сезоната во историјата на Бундеслигата , фудбалерите на Волфсбург го искористија пацерот на Берн од Минхен и во трката за титулата и натаму ги имаат сите карти во свои раце. „Волците“ извојуваа убедлива победа во Хановер против истоимената екипа со 5:0 и пред последното коло водат на табелата со 66 бодови. Одлучувачки за триумфот на Волфсбург повторно беше напаѓачкото дуо од соништата Џеко и Графич, кое ги постигна сите пет голови. И покрај овој важен успех, тренерот на „Волците“, Феликс Магат при неговата анализа на ситуацијата остана како и вообичаено спокоен:

„Сега нормално би било доволно и нерешено наредната сабота, на што ние воопшто не целиме, а и не би можеле да играме така, туку и наредната сабота ние ќе играме на победа. Шансите титулата да ја однесеме во Волфсбург сега се огромни“, истакна Феликс Магат.

Јасно, зашто на Баерн од Минхен од друга страна не му успеа против Хофенхајм да извојува победа, туку играше само нерешено 2:2. Со тоа бранителот на титулата, иако и натаму се наоѓа на второто место на табелата со 64 поени, сепак сега заостанува 2 бода зад лидерот на табелата а има и полоша гол-разлика. Кај привремениот тренер на Минхенчани, Јуп Хајнкес, иако истакна дека целта за неговиот тим и натаму е пласманот во Лигата на шампионите, сепак беше забележливо разочарување:

„Тоа за нас значи дека мора да победиме на последниот натпревар кој го играме на домашен терен, за да обезбедиме директен пласман во Лигата на шампионите. Но, тоа отсекогаш беше нашата прокламирана цел, иако ние со сигурност немаше да се буниме доколку на крајот бевме први на табелата, тоа е сосема јасно“, изјави Хајнкес по натпреварот.

Со ист број бодови како и Баерн, на местото број три се наоѓа Штутгарт , и со тоа ги задржува шансите за освојување на втората титула во Бундеслигата во последниве три години. Штутгарт во последното коло славеше на домашен терен против Енерги Котбус со 2:0.

Разочараност, но без критики

Bundesliga Hertha gegen Schalke
Тренерот на Херта, Лусиен ФавреФотографија: AP

Херта од Берлин на домашен терен пак не успеа да оствари ништо повеќе од само натпревар без голови против Шалке 04, и сега со 63 бодови како четврти тим на табелата повеќе нема шанси за освојување на првата титула по цели 78 години. Тренерот Лусиен Фавре и покрај тоа не сакаше воопшто да ги критикува играчите:

„Сите сме разочарани, но сметам дека никако не можам да ја критикувам мојата екипа. 60 минути тие играа добро, и затоа мораме да го прифатиме едниот освоен бод, јасно. Тоа е разочарувачки, но не можеме тоа сега да го промениме“, истакна Фавре.

Борусија од Дортмунд ја декласираше Арминија од Билефелд со 6:0 и остана на петото место со 58 бодови. Се разбира петтото место значи и пласман во Купот на УЕФА. Покрај тоа Борусија Дортмунд профитираше и од поразот на екипата на Хамбургер на домашен терен против Келн од 1:0. Хамбургер истотака има 58 бодови но поради послабата гол разлика се наоѓа на шестото место зад Борусија Дортмунд.

Неизвесност на дното на табелата

Возбудливо до последниот натпревар во сезоната останува и на дното на табелата. Последниот Карлсруе славеше победа на гостински терен против Вердер од Бремен со 3:1 што е негова најголема победа на гости во оваа сезона. Сега со 26 бодови Карлсруе и натаму има шанса во последното коло да се спаси од испаѓање од лигата.

Во моментов на волшебното 16 место, кое обезбедува уште една шанса за обезбедување на прволигашкиот статус, се наоѓа Арминија Билефелд со 27 поени. Имено, 16-то пласираниот во Првата Бундеслига ќе игра релегациски дуел со третопласираниот во втората лига.

На едно коло пред крајот на претпоследното 17-то место во Лигата се наоѓа Енерги Котбус со 27 бодови. Но и Борусија од Менхенгладбах со 30 бодови не е сигурна на 15-то место. Во локалното дерби, Баер Леверкузен го совлада тимот на Менхенгладбах со убедливи 5:0.

Од друга страна, од испаѓање дефинитивно се спаси Бохум. Екипата на тренерот Марсел Колер извојува победа против Ајнтрахт од Франкфурт со 2:0 и со 31 бод се наоѓа на 14 место. Бохум, но и Ајнтрахт, можат да започнат да ги прават плановите за наредната сезона во Бундеслигата.

„ Повторно успеавме да го задржиме бундеслигашкиот статус, и ова беше проклето тешка сезона. Сакам во оваа пригода едноставно да му искажам благодарност на раководството на клубот, затоа што и тие во многу тешки времиња се погрижија да биде задржан мирот во екипата“, рече Колер.

Автор: Кале Копс/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска