1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волф Ошлис и Македонија - љубов на прв поглед

Свето Тоевски 22 август 2012

Денеска (22.08) кај Лешок ќе започне „Меѓународна манифестација на книжевните преведувачи“. На средбата ќе се одржи и симпозиум на тема „Во преводот е вистината“, на кој ќе настапи и Волф Ошлис, македонист од Германија.

https://p.dw.com/p/15tzD
Фотографија: DW/S.Toevski

Деновиве министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска во името на Владата и на македонскиот народ Ви го додели признанието „Пријател на Македонија“, поради Вашиот научен и публицистички ангажман во македонистиката. Како го доживувате признанието?

Ошлис: Доаѓам во Македонија речиси секоја година, почнувајќи од мојот прв престој во 1975-та. Тоа беше љубов на прв поглед: оваа земја ме сака, исто така, и јас неа. Така остана сето ова време. Јас сум сега признат како „Пријател на Македонија“, што претставува голема чест за мене. За жал, има мнозина што немаат поим што е Македонија, што се тоа Македонци и македонски јазик. Ова непознавање на Македонија ми дава уште повеќе поттици да се ангажирам за неа.

Како научник од 80–милионската, според народ, Германија, Вие цели 40-тина години од својот живот и‘ посветивте на малата двомилионска, според население, Македонија ...

Ошлис: Тука не се работи за големината, туку за прелеста на јазикот, на културата. Македонија е една прастара земја, прастара култура. Според бројноста, сигурно, Кинезите не можеш да ги споредуваш со Македонците, но, со оглед на културните, јазичните и другите вредности, Кинезите и Македонците се апсолутно рамноправни.

Колкав е бројот на таквите како Вас „Пријатели на Македонија“ во научните и политички кругови во Европа и светот?

Ошлис: На нашиот Семинар за јазик и литература во Охрид, кој се одржува секоја година во Охрид, не‘ има по 80 и повеќе семинаристи од целиот свет и јас секогаш велам: „Ние сме ’Обединетите Македонистички Нации“. Сите и‘ се пријатели на Македонија. Од друга страна, бројот на непријатели и противници на Македонија се намалува секој месец.

Сметате ли дека е потребно и можно формирање лоби-мрежа на „Пријателите на Македонија“ во светот, покрај Вас, и со Виктор Фридман, Рина Усикова, Влоѓимјеж Пјанка, Нуло Миниси и други дејци ширум меѓународните меридијани, заради поголемо организирање и координирање на нивните македонистички ангажмани?

Ошлис: Одлична идеја. Всушност, една ваква лига на македонисти неформално веќе одамна постои. Мудрата и духовита колешка од Москва, Рина Усикова, говори за нас како „собир на фосилите“. Ние сме веќе една лига, но, сигурно е дека би било потребно и формално да се создаде еден ваков „Сојуз на македонистите од светот“. Само, дали до тоа би дошло? Или, да почекаме на тоа? Од кого би дошол поттикот за негово формирање? Од Македонија или од нас, македонистите во светот, дека еден ден ќе решиме да ја основаме таа светска лига?

Во својата „За македонцките работи“ Мисирков тестаментално се заложи за постојано ширење на вистината за Македонија во светот. Колку зрачи сега таа вистина, штом државата се соочува со толку пречки на својот евроатлантски пат?

Ошлис: Да, се повеќе се шири таа вистина. Гледајте го бројот на државите што ја признале Македонија под нејзиното уставно име: 131 држава! Само Европската Унија и НАТО не сакаат тоа да го признаат. Чиста вистина е дека постои Македонија со целосно право за членство во ЕУ и во НАТО. Но, добро, нека се бламираат тие во Брисел и во НАТО до крај, Македонија постои и ќе биде поддржана, оти таа од одамна е во светската заедница на држави. Тоа зачленување, сепак, ќе се случи еден ден.