1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воспоставување бизнис релации меѓу В. Британија и Македонија

28 јануари 2012

Посетата на британската бизнис делегација предводена Принцот Мајкл од Кент на Македонија се очекува да даде позитивен импулс на инвестицискиот процес во земјата.

https://p.dw.com/p/13sJB
СкопјеФотографија: DW

Принцот Мајкл од Кент, член на британското кралско семејство,придружуван од висока бизнис делегација од денеска (28.01.2012)  до 1 февруари ќе престојува во работна посета на Македонија на покана од премиерот Никола Груевски.
Предвидено е тој да оствари средби со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Груевски и со министрите за надворешни работи и за култура Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска.
Британската бизнис-група во Македонија соопшти дека во рамки на петдневниот престој во Македонија принцот Мајкл и британските бизнисмени ќе имаат средби со стопанственици од областа на земјоделството, рударството, од фармацевтската и од автомобилската индустрија. На агендата се и средби со локални бизнис-лидери, а во насока на разгледување на можностите за воспоставување деловна соработка и нови британски инвестиции.

Mazedonien Land und Leute
Земјоделството и прехранбениот сектор се интересни за британските бизнисмениФотографија: Petr Stojanovski

Принцот од Кент- лобист за малите и средни претпријатија

Првиот човек на Британската бизнис група Реј Пауер,  во изјава за Дојче Веле нагласи дека британските бизнисмени кои доаѓаат во Скопје се заинтересирани за инвестирање пред се’ во рударскиот, земјоделскиот сектор и прехранбената индустрија:

„Мислам дека главна цел е навистина да се постигнат резултати. Странските инвестиции веќе подолг период се во фокусот на владината агенда. Но мислам дека овие инвестиции ќе започнат преку размената и ако не успееме преку ова тогаш тие ќе бидат предизвик. Посетата е главно да се воспостават бизнис релации. Бизнисмените што ќе го придружуваат принцот веќе се фокусирани на она што сакаат да го постигнат во Македонија. Мислам дека по посетата може да очекуваме резултати во делот на размената, а подоцна и поголеми достигнувања“, вели Пауер.

Принцот Мајкл, покрај неговата доминанта ангажираност во непрофитни активности, има своја бизнис-кариера како консултант во повеќе области. Познат е како голем лобист и поддржувач на британските мали и средни претпријатија преку асистирање во делот на нивните извозни и инвестициски активности.

Автор:СН/АТ/кд/миа

Редактор: Симе Недевски