1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна без нафта?

Јирген Дешнер / Елизабета Милошевска Фиданоска5 јули 2012

За нафта се водат битки, снабдувањето со нафта се претвора во средство за моќ. Американските борбени сили размислуваат се‘ повеќе околу војна без нафта. Што тоа значи?

https://p.dw.com/p/15RVG
Фотографија: AP

Багдад, 20 март 2003 година. Американските борбени сили ја почнаа војната со дожд од бомби и ракети. Војна за нафта, рече тогаш, а тоа го тврди и денес, американскиот истражувач на мирот и конфликтите Мајкл Клер. Тој е речиси убеден дека тоа нема да биде и последната војна за нафта:

„Нафтата ја снемува, а остануваме екстремно зависни од остатотокот на нафта. Во оваа фаза, од денес до целосното исчезнување на нафтата, остатокот на нафтата ќе биде екстремно скап. Затоа војната за контрола на ваквите остатоци од нафта станува се‘ пожестока.“

За хипермобилните западни индустриски нации пристапот до нафта во меѓувреме стана прашање на преживување. Во многу држави цврст составен дел на националната безбедносна доктрина е употреба на воена сила за да се обезбеди нафта. Притоа, и самата армија е упатена на црното злато:

Golfkrieg Panzer Öl Irak Kuwait Krieg Ölquellen
Фотографија: picture alliance/dpa

„Безбедносните сили денес се толку зависни од нафта како никогаш порано. Во Втората светска војна, на пример, една армија користела дневно по војник околу 15 литри нафта. Денес, во просек, дневно се троши по 60 литри нафта по војник.“

На пример: тенкот од типот Леопард 2 троши до 530 литри дизел на 100 километри. Модерен борбен авион троши меѓу 2.000 и 6.000 литри керозин на час. Нафтата е животно важна за борбените сили, така што армијата не само што води војна за нафта, туку и ја поттикнува, нагласува истражувачот на мирот Мајкл Клер:

„Кога Садам Хусеин во 1990 година го нападна Кувајт, тоа значеше закана за борбената сила на американските трупи во регионот. Тоа сигурно беше една од причините кои тогаш ја натераа владата на Буш да интервенира. Самата армија беше зависна од изворите на нафта во Саудиска Арабија и во Кувајт.“

Ölkatastrophe Golfkrieg 1991 Flash-Galerie
Фотографија: AP

Американската армија одамна осозна каква опасност претставуваат резервите со нафта кои исчезнуваат за нејзината способност за дејствување. Американскиот научник Мајкл Хорничек уште во 2006 година се залагаше за тоа армијата да се откаже од нафтата. „Војна без нафта“ гласеше неговата студија, направена по налог на Пентагон. Само така може да се обезбеди „американскиот начин на водење војна“. Реј Мабус, прв човек на американското Министерство за воената морнарица, неодамна најави дека неговите трупи до 2020 година сакаат половина од енергијата да ја добиваат од нефосилни извори:

„Подложни сме на кризи во снабдувањето и дури и ако имаме доволно нафта, подложни сме на ценовни шокови. На пример, Либија - кога таму почнаа судирите цената на нафтата скокна и тоа само морнарицата ја чинеше една милијарда долари. Откажување од нафтата - тоа би ја зајакнало нашата воена сила.“

Пентагон е не само најголемиот поединечен потрошувач на нафта во светот, туку во меѓувреме е и предводник во потрагата по алтернативи за нафтата. Веќе се бројат и првите успеси, како на пример - гориво за летање од алги. Но дури и наскоро да успее смената на керозинот и дизелот со вакво гориво, односно ако го има во доволни количества и биде економски исплатливо, за армијата не би бил се‘ уште решен проблемот со гориво, тврди Клер:

Brennende Ölfelder im Südirak
Фотографија: AP

„Што е со целата опрема - тенкови, авиони, хеликоптери? Многу мал дел од нив можат да возат на алтернативни горива, барем не во сегашната форма на горивата.“

Од „војна без нафта“ значу воената машинерија е далеку. И колку и да звучи парадоксално - дотолку повеќе во иднина ќе има повеќе војни за нафта.