1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна на Кавказ по потпишаното примирје

13 август 2008

По петдневни борби во Кавказ, Русија и Грузија прифатија мировен план, кој само по неколку часа се покажа кревок. 50 руски тенкови навлегоа во стратешки важниот грузиски град Гори и се движат кон Тбилиси, тврди Грузија.

https://p.dw.com/p/EwPN
Руските трупи и натаму во акцијаФотографија: AP

И покрај договореното, денеска 50 руски тенкови навлегоа во стратешки важниот грузиски град Гори и се движат кон Тбилиси, како што соопшти Националниот совет за безбедност на Грузија. САД иницираат итна седница на НАТО за кавкаскиот конфликт, а министрите за надворешни работи на ЕУ на вонредната седница најавија намера да испратат набљудувачка мисија во регионот.

Руските напади продолжуваат, тврди Грузија, Москва демантира

Руските тенкови стигнале до грузискиот град Гори и напредуваат кон главниот град Тбилиси, тврди Грузија, а Москва демантира. Грузија освен тоа го загуби и своето последно упориште во отцепениот регион Абхазија. Грузиските трупи целосно ја напуштија Абхазија, соопшти еден министер во Тбилиси. Тие се протерани од страна на руските трупи. Москва и ова го демантираше и изјави дека одговорноста ја сносат сепаратистите.

САД побараа одржување итна сендица на НАТО заради заострувањето на конфликтот во кавкаскиот регион, за што главно ја обвинуваат Русија.

Прифатен мировен план со посредство на ЕУ

Владата во Тбилиси инаку утрово се согласи со мировниот план, кој на грузискиот претседател Михаил Сакашвили му го претстави шефот на француската држава, Никола Саркози, посредник во конфликтот од позиција на претседавач со ЕУ.

Мировниот план предвидува трупите на двете страни да се вратат на позициите пред почетокот на борбите во петокот, потоа целосен прекин на борбените дејства на двете земји, и слободен пристап на хуманитарните работници до жртвите на конфликотот. Руските мировни трупи и натаму ќе останат во отцепениот регион Јужна Осетија. На инсистирање на грузискиот претседател Михаил Сакашвили, делот од договорот кој предвидуваше меѓународна дискусија за Абхазија и Јужна Осетија е изоставен. Рускиот претседател Медведев се согласи со оваа промена. Но, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е дециден- статусот на двата региона мора да биде јасен:

„За сите е јасно и тоа остана потврдено при разговорите со француската делегација. Нема безбедност за Абхазија и Јужна Осетија без разјаснување на прашањето на статусот.“

Брисел: да се испратат набљудувачи од ЕУ

Во Брисел денеска пак за конфликтот во Кавкаскиот регион, но од аспект на договореното примирје, итна седница одржаа министрите за надворешни работи на ЕУ. Шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер се изјасни за испраќање мировни трупи на ЕУ во Кавказ:

„Тоа е добра идеја, но тие треба да бидат прифатени, јас не би ги нарекол мировни трупи, туку набљудувачи, помагачи од Европа.“

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер пак смета дека е сега момент за акција а не за неплодни дискусии.

„Може да се одлучиме да издаваме еднострани осуди или да играме вистинска улога на стабилизирање . Тоа значи да ги оставиме отворени сите канали кон Москва и Тбилиси, “изјави Штајнмаер.

Грузија во меѓувреме поднесе тужба против Русија пред меѓународниот суд во Ден Хааг. Тбилиси и‘ префрлува на Москва насилно протерување на Грузијци од регионите на Абхазија и Јужна Осетија во последните 15 години.

Во петтневниот конфликт само во Јужна Осетија, според руски извори животот го загубија околу две илјади лица, а голем број жртви јавува и Грузија. Според проценките на УНХЦР, поради војната во бегство се околу 100 илјади луѓе.







































Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема