1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војници го обезбедуваат Порт Саид

ЖА/дв/дпа27 јануари 2013

По крвавите судири во Порт Саид со над 30 мртви, во египетскиот пристанишен град влезе армијата со тенкови. Владата размислува околу воведување вонредна состојба во земјата.

https://p.dw.com/p/17SMZ
Фотографија: Getty Images/AFP

Жителите на Порт Саид сведочат дека градот под контрола го држат војници со тенкови и блиндирани возила. Сепак, на маргините на комеморација за жртвите на бунтот пред две години, повторно дојде до судири. Полицијата притоа употребила солзавец, а се слушале и истрели. За вработенте на најголем дел од државните институции денешниот ден (27.01.2013)  е прогласен за неработен, за да бидат заштитени од можни напади, се вели во извештаите од Порт Саид. Новинската државна агенција Мена, повикувајќи се на воени извори, јавува за заострување на безбедносните мерки во Суецкиот канал од страна на армијата, заради елиминација на евентуален застој на бродскиот сообраќај.

Бројот на загинати во вчерашните судири во меѓувреме се искачи на најмалку 31. Безредијата ескалираа по објавувањето на смртната пресуда од суд во Каиро против 21 обвинет за крвавите судири на фудбалскиот натпревар во Порт Саид пред една година. Роднини на осудените и фудбалски навивачи се обидоа да продрат во затворот и да ги ослободат осудените. Притоа дојде до жестоки пресметки со безбедносните сили. Меѓу загинатите има и двајца полицајци, како што јавуваат државните медиуми.

Ägypten Kairo Tahrir-Platz Krawalle 26.01.2013
Фотографија: Reuters

Тензиите можат да пораснат на деветти март, кога треба да бидат прочитани и пресудите за 52 останати обвинети лица за минатогодишните инциденти на фудбалскиот меч, кога на први февруари настанаа судири меѓу фановите на Ал Масри од Порд Саид и Ал Ахли од Каиро.

Растот на насилството ја влошува и онака критичната состојба во Египет, две години по соборувањето на диктаторот Хосни Мубарак.

Египетскиот претседател Мохамед Мурси поради тоа го откажа учеството на самитот на Африканскaта унија во Етиопија и се советува со своите министри за безбедност, правда и информации за натамошните чекори. Можно е да се посегне и по мерката - прогласување вонредна состојба во земјата. Опозицијата пак го обвини Мурси за ескалацијата на состојбата.