1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Австралија сите цигари со исто пакување и заплашувачки пораки

СН/ЖА/ртр/афп/дпа15 август 2012

Уставниот суд на Австралија донесе одлука дека новите законски одредби за пакувањето на цигарите се во согласност со уставот, отфрлајќи ја на тој начин жалбата на меѓународните тутунски компании.

https://p.dw.com/p/15psM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новите законски одредби за пакувањето на цигарите во Австралија се очекува да имаат импликации ширум светот.

Тие предвидуваат цигарите и производите од тутун да се продаваат во речиси идентични пакувања со маслинесто зелена боја со големи пораки за предупредување од штетноста на пушењето. Законот кој беше усвоен минатата година ќе стапи во сила од 1 декември.

Големи компании како Бритиш Американ Тобако и Филип Морис го оспорија законот пред австралиските судови, со образложение дека законот е противуставен бидејжи практично го укинува правото на интелектуална сопственост, но конечната одлука на Уставниот суд гласеше:

„Мнозинство членови на судскиот совет смета дека законот не е во спротивност со Уставот на Австралија“, стоеше во кусото соопштение. Целосно образложение на пресудата беше најавено за подоцна во текот на месецов.

Australien Verpackungsgesetze Zigaretten
Фотографија: Reuters

Пример за останатиот свет

Донесување сличен закон разгледуваат во Нов Зеланд, Индија, Велика Британија и дел од американските држави. Законот во Австралија е во согласност со препораките на Светската здравствена организација. Според нејзините проценки повеќе од една милијарда луѓе во светот се редовни пушачи. Од нив осумдесет проценти живеат во земји со средни или мали примања.

Главната државна обвинителка на Австралија, Никола Роксон ја поздрави пресудата какако „историски момент за контролата над продажбата на тутунски производи во светот“.

„Порака до остатокот на светот е дека големите тутунски компании можат да бидат победени“, изјави Роксон, чиј татко пушач починал од рак, кога таа имала 10 години.

„Без храбри влади подготвени да влезат во битка со големите тутунски концерни, тие се’ уште ќе не убедуваа дека тутунот не е ни штетен, ниту создава зависност“, изјави Роксон.