1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Андалузија по нова мондијалска среќа

Златко Калински 10 јануари 2013

Светското ракометно првенство е на прагот. Репрезентацијата на Македонија отпатува во Севиља, каде ќе се играат натпреварите од „Б“ групата од големиот светски ракометен настан.

https://p.dw.com/p/17Gwg
Фотографија: picture-alliance/dpa

18- мина македонски ракометни избраници, предводени од селекторот Зоран Шундовски, одлетаа во срцето на Андалузија во потрага по третата мондијалска среќа. На плеќите го носат товарот на 5-то место од ланското Европско првенство во Србија, но и чемерот на неисполнетиот сон да бидат дел од Олимписките игри. Во какви сеќавања ќе остане Шпанискиот ракометен полигон, на кој ќе се испишува нова страница од македонската спортска историја?

Борко Ристовски, харизматичниот чувар на македонскиот гол свесен е за тежината на мисијата, што тој и неговите соиграчи ја имаат пред себе: „Соочени сме со нов предизвик и резултатски очекувања од македонската спортска јавност. 5-то место на Европското првенство ни наметнува одредена фаворитска улога, но и поголема одговорност. Се надевам дека ќе ги исполниме тие очекувања.“

Подготвеноста предуслов за успех

Одличната физичка подготвеност, упорноста и пожртвуваноста ја водеа Македонија на Европското првенство. Компоненти, кои изостанаа во квалификациите за Олимписките игри.

Според Борко Ристовски, саканата форма во пресрет на Светското првенство е достигната: „Одработивме слично како и минатата година, пред ЕП во Србија. Одигравме и ист број на 3 тест- мечеви. Завршија со победи против Саудиска Арабија и Египет и со минимален пораз од Србија. Но резултатите не беа во прв план, напротив тие постојано беа подредени на приоритетното уигрување на тимот. Мислам дека за нијанса сме и подобро подготвени од лани, а да не заборавиме дека сега сме побогати и за едно големо натпреварувачко искуство.“

Handball Europameisterschaft Mazedonien Tschechien
Ристовски: 5-то место на ЕП ни наметнува фаворитска улогаФотографија: dapd

Македонија во „Паласио Сан Пабло“ во Севиља ќе се соочи со 5 натпреварувачки искушенија. Во првите две, натпреварот против Чиле на 12. јануари и ден подоцна против Катар, Македонија ќе ја бие битката за обезбедување пласман во нокаут-фазата од светското првенство. Ристовски е свесен за фаворитската улога на македонскиот состав во првите два меча, но и за тежината на наредните три:

„Првиот дел од оваа фаза, објективно ќе ни биде полесен. Но, потоа против Исланд, Русија и Данска ќе се разгорат натпреварувачките страсти. Ќе се обидеме да извојуваме една, можеби и две победи во тоа жестоко надигрување, за обезбедување подобра стартна позиција во наредната нокаут-фаза. Со Исланд играме често и добро се познаваме. Русија уверливо ја совладавме на светското првенство во 2009. година. Данска е наш голем должник. Се надевам на добри резултати и полесен противник во 1/8 финалето, што би ни овозможило историски исчекор на Светските првенства.“

Германија, можен противник во нокаут-фазата

Ако Македонија ја мине групната фаза, можните противници во наредниот елиминационен круг се екипи од А групата, во која фаворити се Франција, Германија, Тунис и Црна Гора.

Handball EM Mazedonien-Deutschland
Ристовски: И покрај смената на генерации, Германија е ракометна велесилаФотографија: Reuters

Борко Ристовски од минатата година е голман на „Гумерсбах“ и одлично ги познава приликите во германската репрезентација: „Германија е соочена со смена на генерацијата. Мислам дека поради тоа се малку разнишани, но се’уште се ракометна велесила. Германија секогаш е Германија... Знаеме што претставува во сите спортови, а поготово во ракометот. Колку на моменти и да изгледаат дека се ранети со нив нема шега и секогаш мора да се сфатат сериозно. Германија е земја со најмногу учества на Светските првенства. Во 2007-та година последен пат го освои златниот медал“, потсетува Ристовски.

Македонија третпат на СП

Македонија во 1999. година го имаше своето мондијалско деби во Египет. Настапот го заврши во групната фаза со само една победа. Во 2009-та година на светското првенство во Хрватска, Македонија се искачи едно рамниште повисоко, завршувајќи на 11-то место. Но, капитенот Кире Лазаров блескаше. Постигнувајќи 92 гола се избори за статус на најдобар стрелец во историјата на светските првенства. Рекорд, кој е се’уште ненадминат!

Популарниот ракометен портал, „Планет хандбал“ на претстојното светското првенство во Шпанија, Македонија ја става во групата на репрезентации, кои би се бореле за пласман од 9-16 место! Дали е тоа објективниот македонски дострел? Какви се желбите на ракометарите?

„Имаме и квалитет и искуство. Реалниот наш пласман го гледам од 5-8-то место. Секое од овие четири места за Македонија ќе биде голем успех. Се над тоа би било рамно на сензација! Не отстапуваме од намерата да целиме што повисоко“, полн со самоувереност и оптимизам за Дојче веле зборува голманот Борко Ристовски.