1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во борба против корупцијата - повторно...

Ивица Петровиќ / Александра Трајковска21 септември 2012

Српската влада наводно направила список од претпријатија за кои постоело сомневање за приватизацијата и работењето. Се тврди дека тоа е приоритет на српската полиција. Досега многупати се најавуваше слично нешто.

https://p.dw.com/p/16CEV
Фотографија: Fotolia/Jürgen Rode

Освен спорната приватизација во фирмите на кои укажа и Европската комисија како „Луке Београд“, „Це маркет“, „Сартида“, „Југоремедија“, списокот е проширен и на махинации во „Новости“, „Шинвоз“, „Застава електро“, „Ветеринарски завод Земун“ и „Трудбеник“.

Новите власти од почетокот на својот мандат најавуваат остра борба против корупцијата во која, како што тврдат, нема да има недопирливи. Со оглед на тоа што борбата против корупцијата беше приоритет за секоја власт, но досега немаше премногу успех. Јавноста и натаму е скептична околу резултот од соочувањето со корупцијата. Се забележуваат некои скептични апсења, како она во аферата поврзана за „Агробанка“, но тоа, барем засега, не убеди никого дека е почната сериозна борба против корупцијата.

Die Belgrader Tageszeitung Novosti
Ќе се истражува и продажбата на дневниот весник „Новости“Фотографија: DW

По многу неуспешни кампањи за борбата против корупцијта тешко може да се поверува дека оваа нивна кампања ќе биде поуспешна од претходните, вели за ДВ економистот Мирослав Прокопијевиќ. За таа борба да биде успешна мора да ја води партија со чисти раце, која и самата не учествувала во корупцијата во минатото. Прокопијевиќ смета дека Српската напредна партија не е таква партија: „Тие имаат и политички, и друг лош багаж, лош товар, така што врз основа на тоа тешко може да се каже дека ќе може да протуркаат такво нешто“, вели Прокопијевиќ.

Владимир Гоати, директор на Транспаренси Србија, од друга страна, за ДВ истакнува дека припадниците на Српската напредна партија, со тоа што не биле на високи државни позиции, кои би им овозможиле да стекнат проитивзаконска корист, имаат шанса да сторат нешто против корупцијата: „Можеби тие во тоа ќе бидат поодлучни. Едноставно знаат дека изборите за некое време стануваат извесни, а тоа значи дека сакаат да се прикажат што подобро и да се идентифицираат по тоа дека се партија која се бори против корупцијата. Доколку успеат во тоа, тоа за нив како политичка партија би било многу значајно“, вели Гоати.

Коруптивниот систем опстојува?

Крупниот бизнис и политиката се нераскинливо поврзани во Србија и со тоа пред секоја антикорупциска кампања се поставува прашањето: Колку далеку ќе се оди, и дали некој ќе сака да ги испита и оние кои се наведуваат како финансиери на партиите? Томислав Николиќ своевремено призна дека тајкуните како Милан Бек и Мирослав Мишковиќ ја финансирале Српската напредна партија, но во суштина финансирањето на партиите остана тајна.

Miroslav Miskovic und Ollie Rehn EU-Komissar
Мишковиќ ги финансирал радикалите - на фотографијата со бившиот комесар за проширување Оли Рен (архива)Фотографија: Delta Holding

Мирослав Прокопијевиќ смета дека со тоа многумина и натаму ќе останат недопирливи во пресметката со корупцијата: „Целта, дури и кога постои сериозна кампања не е да се урне целиот политички систем. А тој би се урнал ако се претресе сериозно, оти Србија е земја на криминал и корупција на сите нивоа. Максимумот од тоа е некоја позната личност, една или две на кои ќе падне изборот, кои би се виделе во истражен затвор или подоцна во затворот Забели. Тоа е максимумот, но тоа не е борба против корупцијата. Тоа би служело само да се забошоти и да се остави системот, вака коруптивен каков што е. Значи во моментов нема ниедна работа на сцена, ниту решеност, ниту промена на правилата на игра, ниту нешто што би навестило дека ова би било релативно сериозна кампања. Како што на пример своевремено Грузија го преполови нивото на корупцијата со една доста сериозна и осмислена кампања“, наведува Прокопијевиќ.

„Имам причина да бидам скепичен“, напоменува Владимир Гоати. „Во текот на изминатите четири години секој месец се прогласуваше борба против корупција, па на крајот ништо не се случи. Србија, поради тоа, според индексот на перцепција на корупцијата е една од најкорумпираните земји во регионот“.