1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бугарија расте антидемократско расположение

Александар Андреев/ Симе Недевски11 август 2012

Повеќе од третина од Бугарите смета дека демократијата и‘ штети на земјата, велат актуелните анкети. Пет години по приемот во ЕУ, експертите во земјата забележуваат анти-демократски тенденции.

https://p.dw.com/p/15nQR
СофијаФотографија: AP

Резултатите од анкетата на бугарскиот институт за истражување на јавното мислење Медиана за многу експерти звучеа како аларм: На прашањето „Дали демократијата повеќе и користи или штети на Бугарија?“ продемократските мислења со 38 насто имаат само тесна предност пред антидемократските со 35 проценти.

„Ако Бугарија беше вистинска суверена и демократска држава, тогаш со голела веројатност ќе имавме еден национал-социјалистички режим. Избран на слободни избори како во Германија во 30. години од 20. век“, предупредува истражувачот на јавното мислење Кољо Колев. „Единствената шанса за Бугарија е во тоа што како земја-членка на ЕУ таа е само делумно суверена“. Колев смета дека влијанието на Европската унија може да ги спречи најлошите анти-демократски процеси во Бугарија.

„Благосостојбата на нацијата поважна од поединечните групи“

Во Бугарија владее голема недоверба кон партиите и институциите, објаснува политикологот Антониј Галабов: Тоа создава слободен простор за популизмот. Стравувам од вистинска експлозија на популистички проекти кои ќе ја искористат тешката социјална положба на луѓето и растечкиот национализам“.

Symbolbild Sofia Bulgarien
Фотографија: Fotolia/SlobodanD

Анкетата на Медиана ги потврдува ваквите стравувања. 87 проценти од испитаниците на пример се убедени дека „благосостојбата на нацијата“ е поважна од интересите на поединечни групи. Речиси две третини ги поддржуваат изјавите како: „Ако станува збор за добросостојбата на нацијата, малцинствата не смеат да протестираат или да пречат“ или пак „Легалното прислушување не е проблем за искрените граѓани“.

Заднината на последната изјава беше тематизирана во критичкиот извештај на ЕУ за мониторингот на Бугарија, кој беше објавен летово: Бугарската влада се обидува да се справи со распламтената корупција и организираниот криминал со интензивно легално прислушување. Оваа влада е предводена од конзервативецот Бојко Борисов, кој со силна реторика постојано презентира навидум едноставни решенија, кои меѓутоа не се спроведливи. Тоа е една од сличностите меѓу него и разни европски популисти.

„Омраза кон елитите“

И социологот Антониј Тодоров смета дека бугарската влада полага на владеењето со силна рака како стратегија во односите со јавноста. Истражувачот на јавното мислење Кољо Колев е убеден дека повеќето Бугари би прифатлиле „железна рака“ и се подготвени за наводна безбедност да се откажат од своите граѓански права, слободата па и самата правна држава. Мнозинството од испитаниците во анкетата на Медиана би немале ништо против кога полицијата би ги ограничила нивните права а речиси една третина ја поддржуваат вознемирувачката изјава: „Луѓето, кои немаат правилни погледи и уверувања, не смеат да добијат збор на радио или телевизија“.

Symbolbild Sofia Bulgarien
Фотографија: Fotolia/SlobodanD

Кољо Колев предупредува дека зад ваквите ставови се крие „страв, социјална завист и нагон за одмазда“, но пред се’ „омразата кон т.н елити, против богатите, против профитерите од политичката транзиција од 1989 година наваму, против медиумите, против сите, кои се сметаат за ’поинакви’- без оглед дали станува збор за Роми, хомосексуалци, евреи.“

Многу набљудувачи алармираат дека Бугарија е на добар пат да се приклучи кон проблематичните демократии во југоисточна Европа, како Унгарија и Романија.

Кусо по падот на комунизмот (1989. година) големо мнозинство од Бугарите се изјаснуваа за демократија и пазарно стопанство, меѓутоа сега овие концепти се речиси презрени, предупредува Кољо Колев. Социлогот Андреј Рајчев ваквиот развој го набљудува во контекст на економската криза: „И во други европски земји граѓаните стремат кон „цврста рака“. Оваа криза ги испреврте претставите и вердностите. Во вакви времиња постои верувањето дека проблемите побргу би се решиле преку поголема безбедност отколку преку повеќе слобода“.