1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бугарија тешко ќе се формира влада!?

Александар Андреев/ Александра Трајковска 13 мај 2013

По изборите во Бугарија нема јасно мнозинство. Според првичните резултати партијата ГЕРБ на екс премиерот Борисов со освоени околу 31 проценти гласови е најуспешната партија. Многу набљудувачи очекуваат нови избори.

https://p.dw.com/p/18Wpz
Фотографија: picture-alliance/AP

Формирањето на влада при ваквата распределба на парламентарните места ќе биде тешка задача. Десно-конзервативната партија ГЕРБ на екс премиерот Бојко Борисов, кој се повлече од функцијата во февруари годинава, освои најмногу мандати, но не доволно за да има сопствено мнозинство со 121 пратеници. Сите други три партии застапени во парламентот досега категорично одбиваат да влезат во коалиција со ГЕРБ или да поддржат влада на ГЕРБ. Независно од тоа раководството на партијата ГЕРБ синоќа објави дека поранешниот премиер Бојко Борисов, кого партијата го назначи за премиерска функција ќе вложи напори за формирање на т.н. програмска влада. Тоа значи дека Борисов ќе го преземе мандатот за формирање на влада, кој претседателот Росен Плевнелиев според уставот треба да му го понуди веднаш по објавувањето на официјалните резултати од гласањето. Борисов ќе се обиде да најде поддршка за овој кабинет во парламентот.

Програмска влада е итно неопходна за брзо да се решат некои проблеми, пред се’ од економска природа. По ова прашање се согласни сите партии. На првата прес конференција по изборите претседателот на социјалистите Сергеј Станишев ги наброја следните тежишни точки: „постои намера да се преземат мерки против невработеноста, да им се помогне на малите и средни претпријатија погодени од кризата, цените на струјата да се држат на разумно ниво.“ 

Сите партии стравуваат од нови масовни протести

Цените на струјата се централна тема: имено во февруари во Бугарија на улиците излегоа илјадници луѓе, за да протестираат против брзо растечките енергетски трошоци. Демонстрантите бараа меѓу другото експропријација на странските испорачатели на струја, кои наводно биле виновни за високите цени на струјата. Ова во широки слоеви на општеството предизивка опасна мешавина од критика за капитализмот и непријателство кон странците. Ваквото расположение доведе до тоа околу седум проценти од избирачите да гласаат за радикално-популистичката партија Атака и со тоа да и обезбедат влез во парламентот.

Wahlplakat der Bulgarischen Sozialistischen Partei
Изборен плакат на Социјалистичката партијаФотографија: DW/M. Ilcheva

Иако протестите против цените на струјата се лишени од секаква економска логика, денес сите партии речиси се чувствуваат обврзани, избирачите да ги залажуваат со имагинарно решение. Имено тие стравуваат нови масовни протести и општество кое ќе западне во хаос и турбуленции. Некои набљудувачи дури говорат и за „состојби слични на граѓанска војна“ и „државен удар“. По особено валканата кампања, по нападите со прислушување, манипулација и обид за фалсификување на изборите Бугарите се дезилузионирани и разочарани. За тоа говори и негативниот рекорд во учеството на изборите: речиси половина од граѓантите со право на глас останаа дома. Бугарското општество денес било „темпирана бомба, која итно мора да биде деактивирана“, сметаат и странски дипломати, кои не сакаат да бидат именувани.

Дали ќе има нови избори?

Исто така и втората партија во парламентот, социјалистичката БСП, сака да формира програмска влада. Откако победниците на изборите не се појавија на традиционалната прес-конференција на изборната ноќ, социјалистите тврдат дека ГЕРБ западнала во целосна изолација. Ова се чини дека е точно: имено двете други партии во парламентот, ДПС, која ги застапува интересите на турското малцинство и десно-популистичката Атака одбиваат секаква соработка со победникот на изборите. Голема коалциија меѓу ГЕРБ и БСП исто така се смета за неверојатна, значи најверојатно ќе се формира програмска влада под раководство на социјалистите. Во оваа влада би влегле како членови на помалите и партии кои не се застапени во парламентиот, така и членови на граѓанските движења, навести шефот на социјалистите Станишев.

Bulgarien Wahlen 2013 Bojko Borissow
Екс премиерот Бојко БорисовФотографија: Reuters

За тоа меѓутоа на неговата партија ќе и биде потребна поддршката од ДПС и Атака. А таа не може лесно да се добие, згора на тоа ксенофобичната партија Атака со години жестоко го напаѓаше турското малцинство во Бугарија, кое сега го застапува ДПС. Доколку во Бугарија не биде формирана програмска влада, сегашниот преоден кабинет ќе остане на власт и за есента ќе треба да подготви нови парламентарни избори. Многумина набљудувачи очекуваат нови избори. Некои укажуваат на тоа дека за екс премиерот Бојко Борисов ќе биде многу удобна позицијата на изборен победник и истовремено водач на опозицијата во парламентот, оти тој веќе бил насочен кон претседателските избори за две години: Борисов имено сака својата политичка кариера да ја заврши на оваа функција.