1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бундеслигата Баерн и натаму со стопроцентен ефект

12 септември 2005

Вердер и Хамбургер засега се наметнуваат како негови сериозни конкуренти. Германскиот фудбалски кајзер (цар) Франц Бекенбауер го прослави 60-от роденден. Победа на Кими Рајконен во трката за Големата награда на Белгија, но титулата во светското првенство во автомобилизам формула еден на дофат за Фернандо Алонзо. Ким Клајстерс и Роџер Федерер победници на последниот тениски грен-слем турнир годинава.

https://p.dw.com/p/AekW
Од натпреварот Нирнберг - Баерн
Од натпреварот Нирнберг - БаернФотографија: AP

Баерн со победата во Нирнберг со 2 спрема 1 го изедначи својот 24 години стар рекорд од 13 последновни првенствени победи, заедно со оние од финишот на минатото првенство. Ќе се памти тој податок, играта бргу ќе се заборави, оти првакот не блескаше, а до победата дојде по судиска грешка, бидејќи голот на Михаел Балак беше постигнат од офсајд. „Рекордот секако беше инспирација за нас. Тој беше одамна постигнат и некако е убаво ако се појавиш во историската документација. Тоа навистина не носи ништо конкретно, но претставува поттик. Инаку, имавме тешка работа, но успеавме“ – рече Балак. Занимливост од средбата е и дека репрезентативниот голман Оливер Кан прими гол откако топката му мина и низ раце и низ нозе. Баерн играше без голгетерот Рој Макај.

Вердер прикажа гала-претстава во Кајзерслаутерн и со 5 спрема 1 му го нанесе на домаќинот вториот највисок прволигашки пораз на негов терен воопшто. Мирослав Клозе два пати ја затресе мрежата на својот поранешен клуб. „Се надевавме на малку посилен отпор, но се гледа колкав респект имаа домаќините за нас. Ние доминиравме во играта од првата минута и не му дозволивме на Кајзерслаутерн да се разигра“ – рече Клозе, кој во новото првенство веќе постигна 5 голови. Халил Алтинтоп, кој го постигна единствениот гол за домашниот тим, со 7 погодоци води на листата на стрелците.

Хамбургер во Мајнц славеше победа од 3 спрема 1 и е непоразен на 13 последовни средби со натпреварувачки карактер. Со само два бода помалку од водечкиот Баерн и исто колку и второпласираниот Вердер, тимот од Хамбург најавува поголеми амбиции во новото првенство. Домаќинот Мајнц и натаму е без победа и единствен е што досега не освои ни бод, а за утеха му останува фактот дека барем го постигна првиот гол во овој шампионат.

Во дербито на колото во Леверкузен Баер и Шалке играа нерешено 1 спрема 1. Во центарот на вниманието беа голманите Бут и Рост, кои одбранија по еден пенал, покрај низа други сјајни одбрани. „Штета за нас: добар резултат до 85-тата минута и потоа изедначување. Но, таков е фудбалот – се’ може да се случи. Штета што не освоивме три бодови, но Шалке е добар тим, кој сака да се бори за титулата“ – прокоментира бугарскиот интернационалец Димитар Бербатов, кој не успеа да го реализира пеналот за Баер.

Први победи забележаа Борусија во Менхенгладбах против Дуизбург со 2 спрема 1, при што гостите можеа да постигнат и повеќе, но Кампа го одбрани пеналот изведен од Грлиќ, потоа Хановер, кој со 2 спрема 0 го совлада Ајнтрахт Франкфурт, како и Борусија Дортмунд, која на свој терен го совлада Келн со 2 спрема 1.

Радоста на победата и натаму ја очекуваат, покрај трите последнопласирани екипи Дуизбург, Нирнберг и Мајнц, и фудбалерите на Штутгарт, кои на свој терен одиграа само 1 спрема 1 со Арминија Билефелд. „Играчите не ме слушаат“ – се жали славниот тренер Џовани Трапатони.

Херта во Берлин убедливо го совлада Волфсбург со 3 спрема 0.

60-ти роденден на „кајзер“ Франц

Во мароканскиот град Маракеш вчера свечено беше отворен 58-от конгрес на Светската фудбалска асоцијација ФИФА, прв што се одржува во Африка. Околу илјада делегати притоа му го честитаа 60-от роденден на претседателот на Организациониот комитет на светското првенство во 2006-та, германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер. Прославата се одржа подоцна в хотел со избрано друштво од околу 80-ина гости. Честитки на Бекенбауер му упати некогашниот репрезентативец Клаус Алофс: „Тој е во врвна форма, има успех, се’ што ќе допре го претвора во злато. Франц, да се надеваме дека и натаму ќе оди вака. Се’ најубаво за роденденот“. Меѓу оние што му честитаа е и екс-репрезентативецот и поранешен селектор на репрезентацијата Руди Фелер: „Мислам дека најважно, што може да ти треба, е она што го имаш веќе 60 години: здравје. Се’ друго веќе имаш’. Заблагодарувањето од славеникот беше кратко: „Ве сакам“. Франц Бекенбауер, двократен светски првак - во 1974-та како играч и во 1990-та како селектор на репрезентацијата, по повод роденденот, во разговор за Дојче Веле околу смислата на својот и на животот воопшто, рече: „Зошто милиот Бог ме прати овде? Мора да има некаква смисла. Смислата е да се биде добар човек. Но, можеби ќе потрае уште неколку стотици илјади години додека човекот да сфати зошто е всушност дојден на светот. Верувам дека душата ми е бесмртна, а телото кога и да е ќе се прости. Се надевам дека тогаш луѓето ќе речат: тој својата задача всушност ја исполни сосем добро и му успеа да биде добар човек“.

Победа за Рајконен - титулата за Алонзо?

Кими Рајконен победи во повремено хаотичната трка за Големата награда на Белгија, но титулата свтески првак во автомобилизам формула еден сепак е тешко достижна за него. Имено, водечкиот во светското првенство, Шпанецот Фернандо Алонзо, возач на Рено, го освои второто место и на три трки до крајот има висока предност од 25 бодови. Рајконен и овој пат немаше помош од колегата од тимот на Мекларен Мерцедес: Монтоја на неколку круга пред крајот на трката по колизија со Пицонија мораше да се откаже, а се наоѓаше на втора позиција. Слична судбина, инаку, имаше и Михаел Шумахер на кого одзади налета Такума Сато и за обајцата тоа значеше крај на трката. Тешка несреќа доживеа вториот возач на Рено Џанкарло Физикела кој при брзина од околу 300 километри ма час излета од патеката и удри во заштитниот зид од гуми, но излезе неповреден од уништениот болид.

Ким Клајстерс и Роџер Федерер победници на Отвореното тениско првенство на САД

Во финалето Белгијката Клајстерс во два сета лесно ја совлада французинката Мари Пирс и освои 2,2 милиона долари, најголема парична награда што кога е и да е е доделена во женскиот спорт. Нешто потешка задача имаше Швајцарецор Федерер, кому за победата против американскиот тениски ветеран Андре Агаси му беа потребни 4 сетови.