1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бундеслигата Вердер се зацврсти на челото на табелата

Зоран Јордановски23 октомври 2006

Победа на Вердер во големото дерби на Бундеслигата, Баерн потиснат на четвртото место, се разбуди конечно и Хамбургер - и покрај интересните настани во 8-то коло на Бундеслигата,

https://p.dw.com/p/AehT
Од дербито Вердер - Баерн
Од дербито Вердер - БаернФотографија: AP

Победата над Баерн со 3 спрема 1 беше четврти последовен успех на Вердер, вклучително и настапите во Лигата на шампионите, а веќе трет пораз на бранителот на титулата Баерн во новото првенство. Тренерот на Вердер Томас Шааф не сакаше никого посебно да издвои, туку го истакна извонредното тимско остварување и севкупното воодушевување во својата екипа. Шефот на одбраната на Баерн Даниел ван Бојтен во резимето на поразот нагласи: “Премногу бевме само набљудувачи, не трчавме доволно. А кога единаесеттемина на теренот не даваат се’ од себе, тогаш имаме потешкотии – токму против таков тим како Вердер, кој е толку силен во офанзивата”.

Шалке му го нанесе првиот пораз на Хановер откако тој тим го презеде тренерот Дитер Хекинг и направи скок до второто место на табелата, со ист број бодови – 16, како и водечкиот Вердер. Сепак, тренерот Мирко Сломка не беше сосем задоволен и покрај победата од 2 спрема 1: “Дозволивме да дојдат до израз старите слабости: по навистина силното прво полувреме, во второто никако не успевавме да ја најдеме сопствената игра, иако бевме борбени и целосно ангажирани”.

На трето место е Херта по победата во Берлин над Борусија Менхенгладбах со 2 спрема 1. Херта има 13 бодови, колку и Баерн зад неа.

Хамбургер во новото првенство влезе како еден од фаворитите, но дури во 8-то коло конечно ја забележа првата победа – и тоа како гостин и веднаш направи скок од неколку места подалеку од дното на табелата. Стрпливоста на клупското раководство, кое и покрај долготрајната криза не ја стави под прашање довербата во тренерот Томас Дол, се исплати. По средбата Дол му оддаде признание на тимот: “Сосем сум горд на своите момци, не само поради тоа што прикажаа првокласен фудбал, туку и поради самодовербата што ја демонстрираа во второто полувреме. Во ситуација во каква се наоѓавме, може само да им се симне шапка”.

Победата во Леверкузен Хамбургер ја постигната по водството на домаќинот Баер, а пресвртот го донесоа двата гола на Гереро. Клучно, се чини, сепак беше враќањето на холандскиот интернационалец Рафаел ван дер Ваарт по осумнеделна пауза поради повреда. “Осум недели сонував да се вратам во тимот и потоа да победиме. Денеска, се разбира, беше супер. Од почетокот имавме многу шанси и мислам дека заслужено победивме” – рече ван дер Ваарт, искажувајќи задоволство што тимот му возвратил на тренерот за непоколебливата верба во играчите и кога изостануваа добри резултати.

Изненадување во осмото коло е победата на тимот на македонскиот репрезентативец Митрески, Енерги од Котбус, на гостувањето кај Алеманија во Ахен со 2 спрема 1, исто така постигната по претходно водство на домаќинот. Митрески доби жолт картон.

Во Франкфурт Ајнтрахт и Нирнберг одиграа нерешено 2 спрема 2. За домаќинот тоа беше седмо, за гостинот шесто реми од осум првенствени настапи и тие се единствените досега непоразени екипи во Бундеслигата. Македонецот Васоски и овој пат командуваше со одбраната на Ајнтрахт, на чиј гол во второто полувреме застана и Николов.

75 илјади гледачи во Дортмунд секако очекуваа повеќе отколку само 1 спрема 1 против и натаму последнопласираниот Бохум. Ист резултат донесе и средбата меѓу Штутгарт и домаќинот Волфсбург, кој се зацврстува меѓу екипите на кои веројатно им претстои борба за опстанок. Ист број бодови – 7 има и Мајнц, тим во кој игра македонскиот интернационалец Новески, по минималниот пораз од 1 спрема 0 на гостувањето кај Арминија во Билефелд. Зад нив се само Хановер со шест и Бохум со пет бодови.

Зоран Јордановски