1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во виното е вистината, а таа за македонските вина носи надеж

24 јануари 2010

На Зелената недела која завршува денеска (24.01.2010), Македонија се претстави со ексклузивен штанд на кој ги промовираше вината од шест производители. Посебен интерес предизвикаа црвените вина од сортата Вранец.

https://p.dw.com/p/LdwM
Фотографија: DW

Македонските вина на „Тиквеш”, „Сковин”, „Бовин”, „Попов”, „Грков” и „Повардарие” на годинашната берлинска „Зелена недела“ успешно го презентираа поднебјето каде се создадени и го привлекоа вниманието на публиката, претежно широката, на нормалните вљубеници во убавата голтка, но и трговците, зашто најголемиот саем за земјоделско производство и прехранбена индустрија е место за склучување големи бизниси, но пред се‘ платформа за презентација.

Истакнување на посебноста

Grüne Woche Berlin
Кратошијата е единствена сорта која има црвен сок - Александар Ристовски, сомелиер на македонскиот штандФотографија: DW

Затоа и акцентот на промоцијата и бројните дегустации беше ставен на црвените вина кои се ароматични. Александар Ристовски, сомелиер и задолжен за македонскиот настап, изјави:

„Ние треба да промовираме нешто што другите го немаат, зашто тоа е еден од начините да бидеме различни од другите. Затоа ги форсиравме вината на база на Вранец, зашто другите сорти ги има секаде, а Вранецот има посебна и поинаква арома.”

Според Ристовски, нема винарија во Македонија, а ги има околу 80, која не произведува Вранец. Тоа е сорта која генетски доаѓа од Црна Гора, а за која Ристовски дополнува дека е варијација на една многу стара македонска сорта од кавадаречко – Кратошијата. Но, проблем е што во изминативе 50-60 години, поради малата родност, сортата била заменета со Вранец, кој е варијација од Кратошијата.

Колку приносите се поголеми, квалитетот опаѓа. Кратошијата е уникатна сорта која нашите институции мора да ја вратат. Се карактеризира со поголема концентрација на сите пожелни материи во виното. Тоа е една од ретките сорти во светот која место бел има црвен сок!

Отворени врати за бизниси

Grüne Woche Berlin
Сите 80 вински визби од Македонија произведуваат ВранецФотографија: DW

Црвените вина оставија впечаток и на енолозите и на трговците кои многу добро знаат што и зошто купуваат.

„Пробав три сорти вина. Најпрво, еден сув мускат кој е многу сочен, свеж, што е многу интересно зашто вообичаено тоa е полусуво вино. Потоа, една типична македонска сорта Вранец, кој имаше преубава овошна арома и најпосле еден Александар, кој е составен од Вранец, Мерлот и Кабeрне сувињон”, коментира по дегустацијата Кристијан Фос, трговец и експерт за вина, кој работи во фирмата “Бахус - Вина од светот” од Хамбург. Го прашуваме дали ваквите позитивни оценки за македонските вина најавуваат и конкретен бизнис?

„Добро прашање за кое ќе размислам. Денес не можам се‘ уште ништо конкретно да кажам. Но, многу сум љубопитен. Вината од Македонија не ги познавам, ова беше мој прв контакт со нив и би рекол дека се останато е - за иднината”, одговара Кристијан Фос кој нема дилеми дека македонските вина имаат шанса во Европа.

На македонскиот штанд поминаа илјадници посетители, помалку намерници и повеќе случајни гости, кои дегустираа или купуваа чашка-две за своја душа.

„Виното е многу вкусно. Ова е Шардоне. Пиеме бело зашто црвеното е многу тешко и ако човек има само еден ден да проба се’, ќе биде непријатно. Јас можам вака да пијам само бело вино”, вели и Јирген Шварцнекер кој со петмина пријатели специјално пристигнал во Берлин да ги вкуси вината од светот.

Grüne Woche Berlin
Александра Тодова е оптимист дека за „Бовин“ има добар пазар во ГерманијаФотографија: DW

На штандот наврати и група ученици кои ги запрашавме нели пладнето е прерано за чаша алкохол?

„Матуранти сме и имаме задача да приготвиме реферат за виното и тоа она што се произведува во другите земји. Тука добив корисни информации за виното, но сакав самиот да се уверам каков вкус има. Од само една голтка почувствував дека е навистина посебно”, кажува и Флоријан Грос од Магдебург.

Потребно е време

Застапниците на македонските вина присутни на „Зелената недела“ имаа полни раце работа, но се чини малку заработувачка:

Grüne Woche Berlin
Ќе потрае најмалку десетина години додека Германците го запознаат македонското вино, смета Роберт Пирковски од „Балкан Шоп“Фотографија: DW

„Саемот е повеäе комерцијален, но сретнавме повеќе заинтересирани од големопродажната бранша. Виното на „Бовин“ е темелно, со него може да се работи и мислам дека долгорочно можеме да имаме успех.”, оптимист е Александра Тодова од „Бематекс”, застапник на Бовин. Роберт Пирковски, пак, кој продаваше различни вина од асортиманот на неговиот берлински дуќан „Балкан Шоп” вели дека нема многу ефект од „Зелената недела“, зашто македонско вино не е многу познато во Германија, како другото од Шпанија, Италија, Франција... Пробивот на германскиот пазар тој го гледа за неколку, можеби и десетина години.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска