1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија се оперира и без потреба

Ахим Вендлер /дпа/ Елизабета М. Фиданоска12 април 2013

Во Германија се вршат толку многу операции, како во речиси ниту една друга индустриска земја во светот. Има сомневања дека се оперира и без тоа да биде медицински неопходно. Болниците ги отфрлаат обвинувањата.

https://p.dw.com/p/18EFQ
Фотографија: Fotolia/astoria

Пример - колено: мал зглоб кој издржува голема тежина. Коските со текот на времето едноставно „се трошат“. Потоа лекарите прават замена со вештачко колено. Во Германија во 2005 година имало 130.000 вакви операции, а во 2011 година нивниот број изнесувал 160.000, односно забележано е зголемување од речиси една четвртина. Зошто е тоа така? Дали колената се трошат се‘ побрзо или Германците ги преоптоваруваат се‘ повеќе? Не, вели Карл Лаутербах, експерт за здравствени прашања во Социјалдемократската партија. Тој гледа друга причина за порастот на бројот на операции во Германија - пари!

Шефовите на одделенија и другите водечки лекари често имаат таканаречени бонус-договори, според кои добиваат повеќе пари доколку оперирале, објаснува Лаутербах. „Целта на бонус-договорите е повеќе услуги, а тоа често води до тоа пациентите да се оперираат и покрај тоа што операцијата воопшто не е неопходна“, вели Лаутербах. „Тоа може да оди дотаму што лекар може да врши обиколка на одделението за интерна медицина за да види кој тука уште би можел да биде мобилизиран да стави вештачко колено.“

Stefanie Klenk Leiterin Kinderkrankenhaus Bibliothek Schwabing
Фотографија: Münchner Stadtbibliothek

Оперирање не е во интерес на здравјето, туку поради пари. Вакво обвинување доаѓа и од страна на здравствените каси. Тие сметаат дека нивните ставови се потврдени со студијата на Организацијата за економска соработка и развој во Европа - ОЕЦД. Студијата, имено, покажува дека во Германија се оперира толку многу како во ниедна друга индустриска земја. Германија е особено во врвот кај операциите на колено. Тоа не е причина за гордост, нагласува Уве Дех, претседател на Управниот одбор на здравствената каса АОК. Според Дех, „во случај на дилема се посега по скалпел“. Како доказ тој наведува и други бројки: во текот на изминатата година забележан е плус од 100% кај операциите на грб и плус од 40% на операциите поради проблеми со меѓупрешленски диск.

И сето тоа не „за љубов“ на здравјето. „Генерално може да се каже дека од сето она што е забележано како зголемување на детските клиники, само една третина може да се објасни со медицинско-демографски факти“, вели Дех.

Паушалата како негативен поттик?

Трендот со повеќе операции почна пред неколку години со реформата на системот на плаќање. Оттогаш, болниците не добиваат пари врз основа на тоа колку долго пациентите се задржуваат во болница, туку добиваат таканаречени „паушали по случај“ (се добива извесен износ во зависност од тежината на случајот, односно болницата за пациенти со поедноставни болести добива помалку пари отколку за пациенти кои се потешки случаи, н.з.). Дали е тоа негативен поттик?

Daniel Bahr Bundesgesundheitsminister
Германскиот министер за здравство Даниел Бар на конференција организирана во соработка со ОЕЦД зборуваше за потребата од намалување на бројот на операциитеФотографија: dapd

Не само што опозиционите политичари, како Карл Лаутербах, ја ставаат под знак прашање неопходноста од многу операции, туку дури и министерот за здравство Даниел Бар даде налог да се најдат начини за намалување на растечкиот број операции.

Првиот човек на Германското здружение на болници, Георг Баум, ги отфрла обвинувањата дека се оперира поради алчност за профит. „Дека има црни овци не може да се исклучи“, вели Баум, но додава дека се тоа одделни случаи.