1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во грчкиот корупциски скандал со оружје прстот вперен и кон Германија

Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска3 јануари 2014

Поранешниот главен набавувач во грчкото министерство за одбрана Антонис Кантас признал дека примал поткуп во милионски износ. Се влеале пари и од Германија.

https://p.dw.com/p/1Akss
Фотографија: picture-alliance/dpa

Уште на средината на декември минатата година Антонис Кантас беше уапсен, откако властите на негови тајни конта пронајдоа повеќе од 13 милиони евра. Кратко пред Божик поранешниот официр во морнарицата признал дека примал мито, па потоа во наредните денови информациите продреа во грчкиот печат. Според нив, 72-годишниот Кантас од доцните 1980-ти години примил вкупно 15 милиони евра поткуп за бизниси со оружје тешки милијарди.

Наводно митото доаѓало од Франција, Русија, Шведска, Израел, САД и во повеќе случаи од Германија: Меѓу другото, според Кантас станувало збор за испорака на 170 тенкови Леопард-2 од фирмата „Краус-Мафаи Вегман“, како и за модернизирање на грчките подморници од страна на германските фирми за производство на оружје „Рајнметал“ и „Атлас“.

Panzer / Leopard 2 / Rüstung / Waffenhandel
При испораката на текновите Леопард-2 од Германија било плаќано мито?!Фотографија: dapd

Само за бизнисот со тенковите Леопард-2 Кантас „заработил“ 1,7 милиони евра. Притоа, како трет по ранг човек во министерството имал задршки за зделката, но по куса посета на грчкиот претставник на „Краус-Мафаи Вегман“ во неговата канцеларија, на крајот на 2001 година, на зачудувачки и убедлив начин тие биле надминати. Дилерот со себе имал патна торба, која кога ја напуштал неговата канцеларија едноставно ја оставил. „Си ја заборави патната торба“, му довикал Кантас. „Не ја заборавив, таа е за тебе“, му возвратил човекот. Во чантата наводно имало 600.000 евра, во готовина.

Бившиот министер за одбрана осуден на 20 години затвор

Тврдењата на Кантас досега не се официјално потврдени, и од страна на фирмата „Краус-Мафаи Вегман“ постојано се негираат. Меѓутоа, обвинувањата за мито и корупција не се целосно изненадувањеза грчката јавност. Уште во октомври беше осуден поранешниот министер за одбрана и шеф на Кантас, Акис Цохацопулос, на 20 години затвор поради перење пари и корупција. Судот во Атина сметаше дека е докажано дека ексминистерот примил вкупно 55 милиони евра поткуп за купување оружје од Германија и Русија.

„Осудата на Цохацопулос беше неопходниот катализатор во борбата против корупцијата; таа води кон натамошни правни чекори“, вели за Дојче веле Танасис Мавридис, економски аналитичар и шеф на економскиот портал Capital.gr. Кантас сакал да покаже дека се кае, да соработува со властите и да обелодени имиња на лица за кои постои сомневање, бидејќи само во таков случај може да се надева на блага казна, појаснува Мавридис.

Griechenland Prozess gegen den Ex-Verteidigungsminister Tsochatzopoulos
20 години затвор за ексминистерот за одбрана Акис ЦохацопулосФотографија: imago stock&people

Како Цохацопулос, така и Кантас полагаат голема вредност на тоа да се утврди дека нивното противзаконско однесување не било исклучок. Поранешниот главен набавувач во грчкото министерство за одбрана тоа вака го формулира: „Кога јас добивав мито, тогаш сигурно биле корумпирани и луѓе на повисоки позиции“. Неговата изјава беше јасен страничен удар против бившиот министер за одбрана Цохацопулос и исто така осудениот поранешен генерален секретар во Министерството за одбрана Јанис Сбокос. Според грчките медиуми Кантас искажал тешки обвинувања и за подоцнежниот министер за одбрана Јанос Папантониу.

Корупција во браншата за вооружување

„Јавна тајна е дека бизнисите со оружје се подложни на корупција“, смета Танасис Мавридис. Во Грција голем број официри директно по нивното пензионирање заминаа во служба на концерните за вооружување во странство, за да работат како нивни трговски застапници во Грција, иако тоа по правило им е забрането во преоден период од пет години по завршување на службата, критикува аналитичарот.

Verdacht auf Korruption bei deutschen Rüstungsfirmen
Дали „Рајнметал“ платил мито за бизнис со оружје во Грција?Фотографија: picture-alliance/dpa

Корупциската афера доби политички размери. Уште на почетокот на декември левичарската опозиција поднесе барање за формирање истражна комисија за испораката на германски подморници во Грција, но без успех. По опсежното признание на Кантас опозицијата повторно гледа шанса. „Кога еден едноставен службеник како Кантас примил 15 милиони евра мито, тогаш радо би сакал да знам, колку пари касирале навистина важни луѓе“, вели портпаролот на пратеничката група на Партијата на Левицата Димитрис Пападимулис во грчкиот парламент.

Дури и либералниот економски аналитичар Јоргос Кирцос смета дека критиката на левичарската опозиција е оправдана: „Може да мислите за Партијата на Левицата што сакате, но во овој случај има право. Аферата со подморниците мора да биде расветлена во детали“, опоменува тој во интервју за телевизијата Skai. Доколку тврдењата на Кантас се потврдат тогаш и Цохацопулос има право кога тврди дека целиот систем едноставно кани на корупција, предупредува економскиот аналитичар.

Државното обвинителство во Атина има намера да води истрага против натамошни осомничени лица.