1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во дебатата околу изјавата на Папата Турција ги „смирува страстите„

19 септември 2006

Турција сака да ја искористи бурата околу цитатот на Папата како повод за отпочнување нова иницијатива во дијалогот меѓу културите.

https://p.dw.com/p/AdxC
Шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул
Шефот на турската дипломатија Абдула ЃулФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Владата на Реџеп Таип Ердоган се обидува да ги смири реакциите во домашната јавност и да го сврти погледот кон иднината, кон претстојната посета на Бенедикт 16-ти кон крајот на ноември.

Додека протестите против Папата продолжуваат и понатаму во делови од исламскиот свет, турските медиуми ја објавија програмата за посетата на Папата Бенедикт 16-ти. Цели четири дена Поглаварот на Католичката црква ќе престојува во Турција и ќе ги посети Анкара, Истанбул и Ефес. Врвните политичари на земјата претходно остро ја критикуваа изјавата на Папата, но сега го вртат погледот на напред, нагласувајќи дека не сакаат таа да фрли сенка врз дијалогот на културите и религиите.

„Околу оваа тема веќе многу што беше кажано како во исламскиот, така и во христијанскиот свет. Во време кога многу држави и влади работат на вистинско приближување на културите, тоа беа навистина несреќно избрани зборови на Папата. Но, плановите за неговата посета на Турција од наша страна не се изменија„ – порача шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул.

Од владини кругови во Анкара дури се нагласува дека посетата е одлична прилика односот меѓу христијанскиот и муслиманскиот свет да се постави на нова основа. Решеноста на турската влада да го остави на страна спорот околу изјавата на Папата ја демонстрираше и шефот на државната служба за религијски прашања Бардакоглу, кој минатата недела остро го критикуваше Папата. Со изјавата на жалење Бенедикт 16-ти покажа дека сака да работи на создавање вистински мир во светот, порача Бардакоглу. Тој дури и ги критикуваше насилните демонстрации и заканите против Папата во делови на исламскиот свет.

Владата на премиерот Ердоган очигледно води двојна политика. Од една страна таа ги критикува изјавите на Папата, при тоа водејќи посебно сметка за нејзините религиозни приврзаници и избирачи. Од друга страна, меѓутоа владата води сметка критиките да не излезат од под контрола. И навистина во целата земја до сега имаше само една протестна манифестација што траеше само половина час. И додека печатот се‘ уште се занимава со Папата, обичниот човек нема голем интерес за дебатата:

„Тоа воопшто не ме интересира, можеби сето тоа го има во весниците, ама јас не го следам. Имам веќе доволно проблеми со тоа да заработам за преживување.„

За разлика од други исламски земји, во Турција протестите против изјавата на Папата дојдоа пред се‘ од маргиналните исламистички кругови. Така едно чудно здружение дури поднесе тужба против Папата, но бидејќи за неа е потребно одобрување на Министерот за правда, иницијативата веројатно наскоро ќе замре.