1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во егзил, заради слободата на зборовите

17 јуни 2009

Во последната година, во светот биле убиени речиси 20 автори поради изразеното критичко мислење, а околу 200 затворени. Пред десет години започна проект, чија цел е помош на прогонуваните писатели и новинари.

https://p.dw.com/p/IF4G
Фотографија: AP

Фарај Саркохи веќе десет години живее во Германија и беше прв стипендист на програмата „Писателите во егзил“, која пред десет години ја започна германското здружение на писатели. Во својата земја беше прогалсен за неподобен уметник, затоа што се залагаше за слобода на печатот и се бореше против цензурата. Бил осуден на смрт и девет години поминал во затвор: „Во затворот се практикува следниот начи на мачење: ви велат дека ќе бидете погубени тој ден, потоа следат подготовките за погубувањето. Непосредно пред извршувањето на казната, ви велат дека станува збор за грешка, дека нема да умрете тој ден и ќе живеете уште неколку дена.“

Излез од молкот

Поради меѓународните протести, Фарај Саркохи бил пуштен на слобода во деведесетите години на минатиот век. Програмата „Писатели во егзил“ на овој 62 годишен уметник му пружа секаков вид помош, од лекување на траумите до финансиска поддршка, но некои проблеми мора самиот да ги реши. „Мора да се запознае новото општество, во мои години да се научи јазик и да се започне нов живот. Најголем проблем за еден писател во егзил е што го губи својот јазик и својата публика.“

Jahrestagung PEN Zentrum in Erfurt
Фотографија: AP

Еднаш годишно се одржува средба на бившите и сегашните стипендисти на проектот „Писатели во егзил“. Претседателот на германскиот ПЕН- центар Јохано Штрасер беше иницијатор на основањето на овој проект за помош на писателите. „За време на националсоцијализмот многу уметници, писатели и научници беа принудени да одат во други земји. Со овој проект ние се обидуваме на некој начин да им се оддолжиме.“

На црната листа на тајната служба во Зимбабве

Итал Мушекве во моментов е стипендист на овој прокет и веќе една година живее во Келн, зашто не смее да се врати во родното Зимбабве. Овој 25 годишен новинар таму открил корупциски скандал во круговите блиски на владата и претседателот Роберт Мугабе. Оттогаш се наоѓа на црната листа на тајната служба. „Да се работи како новинар во Зимбабве е исто толку опасно како да се движиш по минско поле. Медиумите се под контрола на владата. Пред неколку недели, беа уапсени еден мој колега и уредникот во весникот во кој работев.“ Мушекве од Германија пишува и објавува преку интернет за медиумите во Зимбабве.

Азил во Европа

Поддршката преку програмата „Писатели во егзил“ трае 12 месеци, по нејзиното завршување многу од писателите бараат азил во Европа. И Мушекве мора да оди по тој пат:„Сигурно не е лесно да бидеш во туѓина. Имам едногодишен син. Кој татко сака да биде разделен од своето дете? Мојот сон е да се вратам во Зимбабве и да работам за слободата на медиумите. Сакам мојот народ сам да решава што може да чита и слуша.“

Фарај Саркохи и Итал Мушекве доаѓаат од две различни земји и ги поврзува храброста да не се предаваат. Да се биде на сигурно, но без татковина - ваква цена плаќаат и двајцата. Заради слободата на нивните зборови.

Автор: Ајгил Чизмечиолу / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска