1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Ирак пристигнаа првите обучувачи на НАТО

8 август 2004

Од кругови на алијансата се дознава дека во Ирак се пристигнати четворица офицери на НАТО од Неапол, а останатиот дел од групата, која треба да брои 45 луѓе, треба да пристигнат во текот на неделата што претстои.

https://p.dw.com/p/AcLz
САД сакаат да ги предводат обучувачите на НАТО
САД сакаат да ги предводат обучувачите на НАТОФотографија: AP

Претходницата на обучувачите на НАТО треба да оствари контакти, меѓу другото и со министерството за одбрана и да поднесе извештај за ситуацијата до 15 септември. На крајот од јули, по жестока дебата, земјите членки на НАТО се согласија да почнат со мисија на обучување на ирачките безбедносни сили, но не донесоа одлука за тоа кој ќе ги предводи обучувачите. Американците инсистираат тие да бидат под нивна команда, додека Франција е категорично против.

Ирачките безбедносни сили би можеле да преземат голем дел од безбедносните задачи во земјата, доколку за тоа бидат обучени, убеден е демократскиот кандидат за американски претседател, Џон кери. Тој најави дека во случај на победа, ќе повлече значителен дел од американските војници во Ирак, до август 2005 година.

Во меѓувреме, во Ирак, малку стивнуваат борбите што се водат на шиитските подрачја. Сепак, во Наџаф, контролата на центарот на градот и натаму е во рацете на милициите на радикалниот шиитски духовен лидер, Моктада ел Садр. Со оглед на крвавите борби, што во изминатите три дена се водеа во регионот, и во кои, само во Наџаф загинаа повеќе од 300 луѓе, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, побара прекин на огнот во Ирак. Насилството може да биде само последно средство што ќе се употреби, изјави портпарол на Анан во Њујорк. ОН се подготвени да играа улога на посредник во актуелната криза. Генералниот секретар соопшти дека особена грижа предизвикуваат големиот број жртви меѓу цивилното население.

Судбината на бунтовниците кои извршиле ситни деликти во Ирак, од вчера, треба да се решава со Законот за амнестија.

Шефот на ирачката влада, Ијад Алави, го потпиша долгоочекуваниот закон,чија цел е повторно вклучување на ситните бунтовници во општествениот живот.Од амнсетија се децидно исклучени причинители на казнени дела како убиства, грабежи или силувања.

”Оваа амнестија не се однесува на луѓе кои извршиле злосторства, кои убивале. Криминалците ќе бидат изведени пред лицето на правдата, почнувајќи од Заркави до секој кој прави криминал на улиците на Багдад”, изјави Алави.