1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Исланд на власт се враќаат старите елити

ЕМФ/дв28 април 2013

Избирачите на Исланд ги казнија социјалдемократите поради нивниот курс на штедење и стремежот за влез во ЕУ. На власт се враќаат конзервативците и либералите.

https://p.dw.com/p/18OVm
Фотографија: Getty Images

Најмногу гласови на парламентарните избори во Исланд освои Партијата на независност. По пребројувањето на две третини од гласовите, таа на свое конто има 26,5% гласови. Тоа значи дека лидерот на партијата Бјарни Бенедиктсон има најдобри изгледи да биде нов премиер. Либералната Партија на напредокот има освоено околу 22% од гласовите. Двете партии веќе изразија желба за коалицирање. Заедно тие би имале апсолутно мнозинство во парламентот во Рејкјавик (на фотографијата горе).

Социјалдемократите на премиерката Јохана Сигурдардотир освоија само 13,5% гласови и заедно со својот досегашен коалиционен партнер, левичарските Зелени, во новиот парламент ќе имаат само 17 места. Двете левичарски партии во 2009 година дојдоа на власт по избивањето на тешката криза на Исланд, предизвикана од предимензионираниот банкарски сектор. Либерализацијата на финансискиот сектор ја „туркаа“ конзервативците кои беа на власт од 1990-тите. На социјалдемократите им успеа, со остар курс на штедење кој доби признаие во меѓународни рамки, да ја извлечат земјата од криза. Но, поради зголемувањето на даноците и попустливиот однос кон странските доверители, како и поради растечкото државно задолжување и редица политички грешки, тие ја загубија поддршката на граѓаните.

Niederlande Kronprinz Willem-Alexander und Maxima
Бјарни БенедиктсонФотографија: picture alliance/AP Photo

Победникот на изборите Бенедиктсон најави промена на курсот: „Ние нудиме поинаков пат до пораст, до социјална безбедност, повеќе социјални услуги и работни места“, рече 43-годишниот екс-фудбалски професионалец за агенцијата Ројтерс. Неговата партија има намера да ги намали даноците и да го зголеми животниот стандард на граѓаните. Освен тоа, тој најави и тешки преговори со странските доверители на банките. Бенедиктсон најави прекинување на преговорите за приклучување во ЕУ, почнати од владата на Сигудардотир.