1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Кабул со жените се тргува како со стока

Суед Назакат/Ристо Ѓорѓиев2 октомври 2013

Авганистан стана центар на трговијата со жени за проституција. Проституцијата останува прикриена и цвета и покрај законите кои би требало да ги штитат жените. Тие се заробени во магичен круг на сиромаштија и предрасуди.

https://p.dw.com/p/19ojT
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Макроата и муштериите ја викаа Дилјан. „Им служам на богатите и моќниците, доколку имаат пари можат да ме имаат цела ноќ“, вели една русокоса девојка со крупно лице и сини очи.

Зависно од услугите кои се бараат од неа, нејзината цена се движи од 20,000 до 90,000 рупии (помеѓу 230 и 1,030 евра) од вечер. Иако жените од други националности сѐ уште доминираат на индискиот пазар, како на пример Русинките и Украинките, Дилјан вели дека Авганистанки како неа веќе истиснале многу други жени од овој бизнис.

По војната во 2001 година и нејзината фамилија побегнала од Кандахар во Кабул. Нејзината ноќна мора почнала кога таа била силувана од еден маж кога се враќала дома од пазар. Под закана дека ќе ја убие успеал да го изврши злоделото. Во истиот месец уште еден маж ја силувал под истата закана. Во 2011 година една жена и понудила работа во еден елегантен хотел во Њу Делхи. Веднаш ја прифатила оваа понуда. Жената и средила за пасош и виза и ја качила на летот за Делхи. Таму ѝ било кажано дека работата пропаднала и дека ќе мора да работи како двојка за придужба. „Таму веќе работеа шест Авганистанки“, се присетува таа.

Afghanistan Straßenszene in Kabul Frau Verkehr
Кабул, силувана на враќање од пазарФотографија: JOHANNES EISELE/AFP/Getty Images

Авганистан стана еден од центрите за трговија со жени. Никој точно незнае колку Авганистанки се продадени како сексуални робинки. Како и трговијата со дрога, и оваа трговија се одвива тајно. Некои девојки како на пример Дилјан се прелажани од макроа кои подоцна ги продаваат девојките на трговците со луѓе. Другите пак се киднапирани, силувани па психички кршени за да се примораат на послушност.

Условите созрејаа

Како што децениската војна во Авганистан придонесе да се раселат милиони луѓе, така и дозволи и на трговијата со луѓе да цвета. Да бидат работите уште полоши се потруди и географската положба на земјата која се граничи со шест земји, вклучувајќи ги тука Иран, Пакистан и Таџикистан. Повеќето од овие граници се премногу тешки за надгледување затоа што теренот е непристапен, а и затоа што таму живеат многу завојувани племиња.

Палваша Сабоори е директорка на Организацијата за обука на авганистански жени и вели дека таму годишно се продаваат неколку стотина жени. Сепак овој проблем останува скриен затоа што владата не се бори против него. Оваа активистка вели дека организацијата само оваа година спасила 319 жени и девојки, а речиси сите од нив веќе биле сексуално злосторувани. Во моментов во осумте прифатни центри за жртви на силување и трговија со луѓе се наоѓаат 727 жени. Оние жени кои неможат да најдат сместување таму, често завршуваат во затвор.

Неопишливо злоставување

Afghanistan Frauen Moral
Ако не најдат засолниште, често завршуваат во затворФотографија: imago stock&people

Младата девојка од покраината Логар, Марзах нашла едно такво упориште во Кабул. Дури откако поминала месец и половина на терапија можела да почне да зборува за тоа што ѝ се случило. Вели дека првпат ја силувале кога имала девет години, а потоа ја продале во сексуално ропство. Единствено што таа сега сака е да заборави. Марзах вели: „несакам да се вратам во своето село, моето семејство ќе ме убие, им нанесов толку страм“.

Во едно друго кабулско прифатилиште, Первен Јан зборува затоа како го преживеала бомбардирањето, за да на крај заврши во бордел. Во американските бомбандирања во 2001 година биле уништени многу села како што било нејзиното. Таа побегнала во Јалалабад, каде состојбата била малку подобра. Тогаш и се јавила нејзината мајка, која и рекла дека и нашла добар младоженец. Но, наместо да дочека свадба, по неколку недели и станало јасно дека е продадена на макро за 20,000 авгани (265 евра). Во наредните неколку години како нејзини сопственици се промениле неколку мажи. Во 2011 година, нејзиниот макро ја однел на граничен премин кон Пакистан. Таму морала да танцува полугола, да ги забавува богатите мажи и да им пружа сексуални услуги кои на нејзиниот макро му плаќале и по неколку илјади пакистански рупии. Минатата година кога нејзиниот пакистански сопственик не бил во нејзина близина таа успеала да побегне во Јалалабад. Сега е истрауматизирана и неможе да зборува.

„Первеен е тотално уништена“, вели нејзината дваесет и едно годишна пријателка Заибеш, која и самата е жртва на сексуално насилство. „Кога ја запознав и чув нејзината приказна, заборавив на својот бол и страдања“.

Родителите на Заибеш пак биле убиени од нејзиниот шура кога се обиделе да ја спасат од сексуално малтретирање, а таа на крајот усеала да се спаси со бегање.

Божја волја

Додека музиката одекнува од звучниците на слабо осветлениот бар во Делхи, заѕвонува телефонот на Дилјана. Нејзиниот одговор е краток, „Да. Доаѓам“. Брзо повлекува неколку дима од цигарата и веднш излегува за да влезе во автомобилот кој ја чека надвор. На прашањето дали сака да ја напушти оваа професија таа кратко одговара: „Тоа е мојата работа, тоа е божја волја“.