1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Киев постигната согласност или само тактички маневар?

ЖА/ард/дв/дпа21 февруари 2014

Украинскиот претседател, претставници на опозицијата и министрите за надворешни работи на Германија и на Полска денеска ќе ги продолжат преговорите кои ги водеа цела ноќ околу излезно решение од украинската криза. .

https://p.dw.com/p/1BD9B
Фотографија: picture-alliance/dpa

По неколкучасовна пауза, денеска треба да продолжат преговорите во Киев. Во кругови на европската делегација се зборува за исклучително тешки преговор. Наспроти тоа, украинскиот претседател соопшти дека веќе е постигната согласност, а во текот на денот подготвениот документ треба да биде потпишан. Но, ова не е потврдено ниту од опозицијата, ни од страна на дипломатите на ЕУ.

Од европска страна на преговорите во претседателската палата во Киев присуствуваа германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и неговиот полски колега, Радослав Шикорски. Опозицијата ја претставуваа Витали Кличко, Арсени Јацењук и Олег Тјагнибок. На преговарарачката рунда и‘ се придружи и Владимир Лукин, специјален пратеник на рускиот претседател Владимир Путин.

На рзговорите кои се водеа цела ноќ, а беа прекинати утрово, ЕУ предложила план за решавање на конфликтот меѓу власта и опозицијата во Украина.

Претходно, полскиот премиер Доналд Туск во Варшава излезе со изјава дека украинскиот претседател Виктор Јанукович се согласил на одржување предвремени претседателски и парламентарни избори во оваа година. Притоа, во рок од десет дена би требало да биде формирана „влада на национално единство“. Нејасно е дали оваа отстапка е само тактички маневар на украинското раководство.

Kiew Parlamentssitzung 20.02.2014
Парламентарците побараа војската да остане во касарнитеФотографија: Reuters

Сцени како од граѓанска војна

Вчера, на неколку стотици метри од местото каде се водеа преговорите, во уличните борби според непотврдени информации загинале најмалку 70 луѓе. На плоштадот Независност, Мајдан, се одвиваа сцени како во граѓанска војна. Демонстрантите и силите на безбедноста се препукуваа со огнено оружје, во акција беа повеќе снајперисти, кои целно убиваа луѓе. По повеќечасовна борба владините противници синоќа повторно ја презедоа контролата над Мајдан. Ситуацијата на плоштадот е мирна, но напната, јави репортерот на германскиот прв државен телевизиски канал, АРД.

Опозицијата и владата меѓусебно се обвинуваат за крвавата ескалација на ситуацијата. Кој пукал врз демонстрантите, не е јасно. Според гласовите кои се шират, можеби станува збор за соработници на тајната служба, кои се вон контрола, но исто така и за владини платеници-провокатори, а се споменува и опцијата дека станува збор за руски специјалци.

Министерството за внатрешни работи призна дека е пукано врз демонстрантите, но само во самоодбрана, заради заштита на невооружените колеги и нивно спасување од опасната зона. Синоќа парламентот изгласа прекин на „антитерористичката акција“, најавена претходно од тајната служба. Пратениците побараа сите воени единици да останат во касарните, а речиси едногласно е усвоена и забрана за употреба на огнено оружје.

ЕУ договори санкции

Под притисок на драматичните настани, министрите за надворешни работи на ЕУ договорија воведување санкции против одговорните за насилството во Украина. Министрите во Брисел меѓу другото усвоија забрана за влез и блокирање на банкарските сметки на членови на владата. Листата на конкретните личности е во подготовка.

Американскиот потпретседател Џо Бајден ноќеска телефонски разговарал со украинскиот претседател Виктор Јанукович, како што соопшти неговиот кабинет, без да наведува детали за содржината. Американскиот министер за одбрана Чак Хагел претходно повеќепати безуспешно се обидувал да стапи во контакт со украинскиот колега, соопшти портпаролна Пентагон.