1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Либија избори за осум месеци

22 октомври 2011

Џибрил: Во Либија по осум месеци ќе има избори за Национален конгрес. НАТО објави дека операциите во Либија ќе ги заврши до крајот на месецов. Семејството на Гадафи пак го бара неговото тело.

https://p.dw.com/p/12wwP
Премиерот во либискиот Преоден национален совет, Махмуд ЏибрилФотографија: dapd

По осум месеци во Либија ќе се одржат избори за нов Национален конгрес, кој ќе подготви нов устав и привремена влада, изјави вршителот на должност премиер во Преодниот национален совет Махмуд Џибрил.

Според него, во овој момент е најважно да биде собрано оружјето и да се воспостави ред и стабилност во земјата.

„Првите избори ќе се одржат во рок од максимум осум месеци. На нив ќе биде избран Национален конгрес, нешто како парламент. Тој ќе има две задачи - да подготви устав, за кој ќе организираме референдум, и да состави привремена влада, која ќе управува до првите претседателски избори“, истакна Џибрил за време на Светскиот економски форум во Јордан.

Libyen Jubel über Gaddafis Tod
Славјето по убиството на Гадафи продолжуваФотографија: picture-alliance/dpa

Операциите на НАТО во Либија ќе завршат до 31 октомври

Седуммесечната воена операција на НАТО во Либија е при крај и партнерите во Алијансата донесоа прелиминарна одлука оваа кампања да заврши до 31 октомври, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.

„НАТО до тогаш ќе ја надгледува ситуацијата и ќе го задржи правото да одговори на заканите врз цивилното население доколку е потребно“, истакна Расмусен вчера на прес-конференција во Брисел по состанокот со амбасадорите на 28-те земји членки на Алијансата.

Тој нагласи дека Алијансата ќе донесе официјална одлука на почетокот на следната недела, а во меѓувреме ќе се консултира со ОН и либискиот Преоден национален совет.

„Многу сум горд со она што го постигнавме заедно со нашите партнери, од кои многумина се од регионот“, заклучи генералниот секретар на НАТО.

Krieg in Libyen
Летовите на НАТО запираат на крајот од месецовФотографија: picture-alliance/dpa

Семејството на Гадафи го бара неговото тело

Телевизискиот канал „Араи“ со седиште во Сирија, која го поддржуваше Гадафи за време на вооружениот конфликт, објави соопштение на семејството на соборениот и убиен лидер на Либија, Моамер Гадафи во кое се бараат телата на Гадафи, неговиот син Мотасим и другите кои беа убиени завчера при завземањето на градот Сирт.

„Ги повикуваме Обединетите нации, Организацијата за исламски конференции и Амнести Интернешенел да го принудат Националниот преоден совет да ги предаде телата на мачениците на нашето племе во Сирт и да му дозволи да направи погреб по исламските обичаи и правила“ се вели во соопштението.

Претходно агенциите пренесуваа контрадикторни вести за местото на погреб на Моамер Гадафи, од тоа дека е одложен се додека неговата смрт не ја испита Меѓународниот кривичен суд, дека поранешниот лидер ќе биде погребан според исламската традиција, без присуство на јавноста, до тоа дека новите либиски власти планираат соборениот лидер да го погребаат на тајно место, со цел неговиот гроб да не се претвори во место за собир на неговите приврзаници.

Автор: ЖА/СН/миа/макфакс/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема