1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во лов на млада работна сила од југот на Европа

Јохана Шмелер/ Симе Недевски4 јануари 2014

Пазарот на труд во јужна Европа и натаму е во катастрофална состојба, а на компаниите од богатиот север истовремено им недостасува работна сила. Од оваа констелација секојдневно се раѓаат нови иницијативи.

https://p.dw.com/p/1AXK6
Фотографија: Nestlé Deutschland

Според податоците на Организацијата за економска соработка во Европа (ОЕЦД) речиси секој трет работоспособен жител на Шпанија во моментов е без работа, што е многу повеќе отколку просекот во Европската унија, каде без вработување е секој десетти. Кога шпанските бројки ќе се споредат со оние членки на ЕУ каде економијата е во најдобра состојба, тогаш тие изгледаат уште подраматично. Во Германија и во Австрија, имено, секој дваесетти жител е без работа. Ситуацијата со лицата помлади од 25 години е уште подраматична. Во Шпанија речиси еден милион млади луѓе се без работа, додека истовремено во Германија, која има речиси двојно поголем број жители од Шпанија, таа бројка е значително пониска и изнесува 350 илјади.

Излез од невработеноста и безнадежноста

Овие податоци не се нови и за нив се говори веќе со години. Исто така се говори и за потребата за покренување на иницијатива за вработување на младите од југот на Европа. Но политички иницијативи се една работа, а состојбата во реалниот свет сосема нешто друго. За фирмите кои дејствуваат „на теренот“ работите се разбира изгледаат поинаку отколку за политичарите кои донесуваат одлуки и покренуваат иницијативи од нивните институции во Брисел.

Alexander Antonoff
Александер Антоноф, германски портпарол на мултинационалната компанија „Нестле“Фотографија: Nestlé Deutschland

„Младите да се извлечат од спиралата на невработеност и безнадежност“, гласи мотото кое многу фирми кои делуваат во цела Европа го воведоа во својата деловна филозофија. Социјалниот ангажман е важен сегмент на активноста и на компанијата Нестле, вели Александер Антоноф, германски портпарол на ова мултинационална компанија. „Нестле е активен во секоја членка на ЕУ и само по себе се подразбира дека ние се грижиме за проблемите во општеството во кои се вбројува и невработеноста кај младите“, вели Антоноф.

Решавање на кадровските промени

Меѓутоа, компаниите како Нестле, освен од социјалниот ангажман, се водени и од некои други мотиви. Социологот Хилмар Шнајдер забележува дека ваквите иницијативи на фирмите им паѓаат на памет дури во моментот кога започнува да им недостасува работна сила во земјите како Германија, каде поради економскиот раст, или пак демографските промени, односно недостатокот на подмладок, сѐ потешко се доаѓа до соодветен кадар.

Но, регрутирањето на млади невработени лица од странство и покрај сите иницијативи и проекти, фирмите во Германија и натаму го гледаат како „второ најдобро решение“. Тоа е така бидејќи да се доведе млад и работоспособен Шпанец во Германија е една работа, но тој да се интегрира целосно во работната средина е сосема друга. Како најголема пречка и натаму е непознавањето на јазикот, што ја отежнува не само социјалната, туку и работнта интеграција и бара многу енергија и пари. Но кога недостатокот на кадар станува акутен, тогаш компаниите, кога станува збор за јазикот, замижуваат не на едното, туку на двете очи.

Jugendarbeitslosigkeit / Spanien / Symbolbild / Mallorca
Фотографија: picture-alliance/dpa

Разноликоста како шанса

Според потребите, компаниите бараат кандидати со општа наобразба кои потоа потесно ги специјализираат за сопствените потреби. Нестле за младите од јужна Европа покрена две долготрајни едикациски програми во траење од три години, за време на кои кандидатите го учат јазикот и се прилагодуваат на специфичните услови за работа. Во склоп на оваа програма „прибежиште“ би требало да најдат над 20 илјади млади Шпанци и Португалци. „Се разбира дека овие проекти не се покренати, а притоа да не мислиме и на тоа како самите да дојдеме до таленти“, вели Антоноф. А таленти од други култури и средини на германските фирми често им носат и сосема нови предности. „Лицата од други културни кругови често применуваат решенија за проблемите на некој нов начин непознат за 'домаќините'. Но тоа не претставува проблем, туку често го отвора патот до нови сознанија“, смета социологот Шнајдер. Поради тоа и не зачудува фактот дека уште еден англицизам во последно време стана популарен во слоганите на германските фирми: „diversity“ (разноликост, н.з.)