1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Лондон средба на Г8

ЕМФ/дпа11 април 2013

Министрите за надворешни работи на државите од Г8 разговараат за Сирија и Северна Кореја. И додека за Северна Кореја се очекува заеднички повик за крај на воената реторика, околу Сирија се‘ уште има разлики во ставовите.

https://p.dw.com/p/18DzO
Фотографија: Leon Neal/AFP/Getty Images

Министрите за надворешни работи на седумте најважни индустриски нации и на Русија на средбата во Лондон денескa (11.04) ќе водат разговори за Сирија. Пред почетокот на средбата имаше средби со претставници на сириската опозиција. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и неговиот британски колега Вилијам Хејг се сретнаа со шефот на прокламираната преодна влада во Сирија, Гасан Хито и претседателот на опозициониот Национален совет, Џорџ Сабра.

„Го поддржуваме господин Хито во напорите да создаде силна и единствена опозиција врз демократски постулати. Заедно со нашите партнери работиме на начини да се надмине страшната логика на граѓанска војна и стариот режим да биде принуден да седне на преговарачка маса“, изјави Вестервеле по средбата. Според него, на умерената оппозиција мора да и‘ се пружи подршка за населението да може да се снабдува со основни намирници. „За сириското население мора да стане видливо дека има алтернатива на насилството на режимот на Асад“, рече германскиот министер за надворешни работи.

G8 Außenministertreffen London
Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле со претседателот на опозициониот сириски Национален совет, Џорџ СабраФотографија: picture-alliance/dpa

„Дискутиравме за дополнителната помош што Велика Британија може да ја даде за да спасува човечки животи во Сирија“, рече Хејг.

Велика Британија и Франција на европско ниво се залагаат за олабавување на ембаргото за оружје за Сирија, за на тој начин да може да и‘ се лиферува оружје на опозицијата. Германија и многу други држави на ЕУ се повоздржани. Хејг, меѓутоа, пред почетокот на средбата на Г8 нагласи дека тој не гледа дека е можно чисто воено решение за состојбата во Сирија. Русија веќе подолго време блокира донесување поостри санкции против Сирија во Советот за безбедност на ОН. „Не сме многу оптимисти дека ваквиот став ќе се промени“, рече Хејг. Слични сигнали доаѓаат и од Министерството за надворшени работи во Берлин.

Специјална гостинка - Анџелина Џоли

G8 Außenministertreffen London
Американскиот и британскиот министер за надворешни работи, Кери и Хејг, вчера во ЛондонФотографија: Reuters

Покрај Сирија, министрите за надворешни работи на Групата осум ќе ја разгледаат и состојбата во Северна Кореја. Вестервеле од средбата во Лондон очекува „многу јасен заеднички сигнал, вклучувајќи ја и Русија“ со кој ќе се побара крај на реториката на закани од страна на Пјонгјанг.

На дневен ред на разговорите во Лондон се и конлфиктите во кризни подрачја како Сомалија, но и криминалот во виртуелниот простор и економската состојба во земјите кадешто се случи Арапската пролет. Специјален гостин на средбата на Г8 денеска (11.04) е актерката Анџелина Џоли, која е специјален амбасадор на ОН и ќе зборува за борбата против силувањата во подрачјата кадешто се водат војни.