1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија има злоупотреби на социјалната помош

Антоанела Димитриевска12 мај 2013

Контролите на екипите на Министерството за труд и социјална политика потврдија дека во Македонија често се злоупотребува социјалната помош. Надлежните најавија ригорозни санкции против прекршителите.

https://p.dw.com/p/18WOx
Фотографија: imago/Peter Widmann

Од издавање на станови и објекти под наем и слично некои македонски граѓани кои остварувале приход од неколку илјади па до 9.000 евра, секој месец од државата чекале и социјална помош од 2.500 денари. Злоупотреби на социјалната парична помош има и кај некои од земјоделците. Месечно заработувале и до 3.000 евра, а се пријавувале како социјално загрозени и чекале социјална помош. Сите тие деновививе беа откриени по засилените контроли на терен од страна на екипи на Министерството за труд и социјална политика. Најмногу злоупотреби имало во Тетово и Скопје, но тоа не значи дека ги нема и во останатите градови во Македонија.

Ако не ги вратат парите ќе одат на суд

На ваквите лажни социјални случаи кои од државата секој месец црпеле социјална помош паричната помош им е веднаш укината, а ќе следат и санкции. Во писмениот допис од Министерството за труд и социјална политика, за ДВ појаснуваат:

„Сите лица за коишто е констатирано дека ја злоупотребиле помошта од државата наменета за социјално ранливите категории, се соочуваат со одговорност имајќи во предвид дека се работи за постапување спротивно на законските прописи. Во таков случај, месно надлежниот Центар за социјална работа изготвува решение за престанок на правото на социјална парична помош и корисникот има обврска да ги врати средствата коишто незаконски ги користел за одреден период. Доколку не постапи согласно со решението, следува постапка пред надлежниот суд“.

Hunger in Mazedonien
Фотографија: DW

Од Министерството за труд и социјална политика потенцираат дека соработуваат со повеќе министерства и служби за сузбивање на оваа појава, а со што значително ги намалиле можностите за злоупотреба.

Социјалната помош им е укината и на некои социјално најзагрозени

Народната поговорка вели покрај сувото гори и суровото и таа се покажала точна и за некои сиромашни семејства во Македонија. Многу од невработените, кои повремено работеле по некоја работа за минимална дневница ја изгубиле социјалната помош, а сега едвај преживуваат. Принудени се да работат се' и сешто, а голем дел од нив собираат пластични шишиња или старо железо.

Семејството на Кире Николовски е едно од нив:

„Јас повремено работев на ден - два аргатував и така ја изгубив социјалната помош. Работа има се помалку и без социјална помош едвај и да можам да го прехранам петчленото семејство“, огорчено вели Кире.

Roma Familie in Skopje Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако и умреле родителите, 50 годишната Олга Саздова живее сама во трошната куќа која се распаѓа, а поради неплатени сметки и ја укинале и струјата.

„Веќе две години сум без социјална помош. Собирам пластични шишиња, ама со парите што ги добивам едвај еднаш дневно можам да јадам и најчесто сум гладна. Немам ни струја, навечер седам на свеќа, а и цела зима смрзнував беа огрев“, вели Саздова.

Во Македонија моментално има 39.000 корисници на социјална помош која се движи од 2.350 до 5.700 денари, во зависност од бројот на членовите во семејството.

Од Министерството за труд и социјална политика во дописот за ДВ потенцираат:

„Социјалната парична помош е мерка од времена категорија, а не трајно решение за било кој граѓанин на Република Македонија. За нас како министерство и Влада, најважно е да изнајдеме трајно решение за социјално ранливите категории на граѓани, преку обезбедување на соодветен работен ангажман и аналогно на тоа соодветен стабилен приход“.