1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија се’ повеќе сиромашни, а се’ помалку корисници на социјална помош

Антоанела Димитриевска23 јуни 2012

Според Заводот за статистика на Македонија стапката на сиромаштија во земјата во 2010 била зголемена на 30,9%, но на товар на државниот буџет има помалку „социјалци“. Социолозите сметата дека овие податоци се апсурдни.

https://p.dw.com/p/15KDw
Фотографија: Fotolia

Според најновите податоци на Министерството за труд и социјална политика, дадени за ДВ, моментално вкупниот број на корисници на социјална парична помош во Република Македонија изнесува 37.321 корисници. Најголем број има во Скопје, Куманово и Тетово, општини со најголем број на жители. Во 2002/2003 година имало рекордни 88.000 корисници, а оттогаш бројот е повеќе од преполовен. Во почетокот на 2011 имало 46.000, а во ноември лани се намалиле на 39.000. Во изминатите шест месеци годинава има намалување за уште 1.679 корисници. Според Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија пак од 20,7 % во 2001, во 2010 била зголемена на 30,9 %, Сето ова, велат социолозите е апсурдно, затоа што е во години во кои сиромаштијата во Македонија постојано е во пораст.

Проф. д-р Весна Димитриевска експерт по социологија од Факултетот за социологија при скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ за ДВ потенцира: „Според она што го имаме како официјални податоци од Државниот завод за статистика можеме да кажеме дека во Македонија имаме тренд на зголемување на бројот на сиромашните и покрај тоа што начинот на мерење може да биде и поинаков и бројките да бидат поинакви, но според официјалното е така. Јас како експерт и аналитичар во оваа област, сметам дека бројот на сиромашните бележи зголемување, иако начинот на кој јас сум ги мерела, или имам сознанија е малку поразличен“.

Надлежните регистрирале злоупотреба од некои од корисниците

Според образложението што за ДВ официјално го добивме од Министерството за труд и социјална политика, намалувањето на бројот на корисници на социјална помош е поради низа злоупотреби од страна на корисниците. „При тоа беше утврдено дека некои корисници остваруваат дополнителни приходи, кои не ги пријавиле кај надлежните во рок од 15 дена, а не пријавиле и настаната промена на бројната и имотната состојба во домаќинството. Од Агенцијата за катастар на недвижности беше утврдено дека поголем број на корисници поседуваат недвижен имот над 7.000 метри квадратни, кој е основ за престанок на социјалната парична помош. А некои навреме не ја обновија потребната документација, што исто услови престанок на правото на социјална парична помош“, потенцираат од службите на ова министерство, а кои информираат дека нивни екипи редовно одат на терен, каде ги утвдуваат фактичките состојби на овие семејства.

Zensus in Mazedonien
Најмногу приматели на социјална помош има во Скопје, Куманово и ТетовоФотографија: DW

Многу од семејствата кои користеле социјална парична помош, а сега им е укината, и сакаат да останат анонимни, револтирано велат: „Нам неправедно ни е ускратена социјалната помош, затоа што имаме земја која ни е семејно наследство, иако живееме во град оддалечен многу од селото и затоа не ја обработуваме. Ни се затворија фабриките и сега никаде не работиме. Од друга страна, социјална парична помош добиваат некои со луксузни станови и автомобили, а кои имаа врски со надлежните“.

Експертите потенцираат дека државата треба да има стабилна стратегија

Експертот по социологија проф. д-р Весна Димитровска според некои свои поранешни испитувања по ова прашање за ДВ потенцира: „Министерството има лимитирани средства поради што прави и своја селекција. Јас лично тврдам, дека не секој кој заслужува, ја добива социјалната парична помош, а голем процент од тие кои ја добиваат, не ја заслужуваат. Затоа треба да се направи едно многу подлабинско и подалекусежно испитување“.

Според неа „за намалување на сиромаштијата, државата треба итно да ја ревитализира индустријата и да им обезбеди работа на сиромашните. Затоа е потребно донесување на долгорочна стабилна стратегија и политика во таа насока, без оглед дали имаме ротирање на власта“.