1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Нирбургринг трка за памтење

23 јули 2007

Во светското првенство во автомобилизам формула еден Хамилтон прв пат остана без бодови. Водечкиот на Тур д’Франс Расмусен осомничен за допинг. Силна претстава на Баерн (М) на гостувањето во Бремен

https://p.dw.com/p/BKzi
Победникот од Нирбургринг Фернандо АлонзоФотографија: AP

Хаотична трка, редица излетувања од патеката, прекин и повтортен старт и на крајот триумф на Мекларен Мерцедес и двократниот светски првак Фернандо Алонзо – тоа е краткиот филм на вчерашната трка за Големата награда на Европа на патеката во Нирбургринг. Трката, во секој случај, ќе остане за памтење и за возачите, како и за гледачите.

Сцени како веднаш по стартот, кога се отвори небото, а врз асфалтот од силниот дожд се создаде воден слој врз кој болидите пливаа, а не возеа, па без контрола еден по еден излетуваа на ист свиок, или кога во хаос уште во првиот круг се упатија назад во боксовите на промена на гумите и создадоа досега невидена мешаница – сето тоа и даде извонредна драматика на трката.

“Ова е неверојатна, фантастична победа” се радуваше Алонзо. Ќе се памти и неговиот смел маневар на претекнување на Фелипе Маса на пет кругови пред крајот, со кој се избори за триумфот.

Трката ќе ја памти и водечкиот во светското првенство во автомобилизам формула еден Луис Хамилтон по тешката несреќа што ја имаше на квалификациониот тренинг, а ја преживеа без повреди, па можеше вчера да стартува. Ќе ја памти и како прва во која не се искачи на подиумот за тројцата најдобри.

Трката ќе ја памти и дебитантот во формула еден Маркус Винкелхок, единствен кој стартуваше со вистинските гуми за дожд и без проблем во првиот круг ги мина сите и се најде на чело, што не можел ни да го сонува. Сега никој не може да му го одземе како факт дека во кариерата бил и во водство на трка од “кралската класа” во автомобилскиот спорт. Со слабиот болид на Спајкер, се разбира, кога трката го доби вообичаениот тек, не можеше долго да ја одбрани водечката позиција.

Трката ќе ја памти и Кими Рајконен, чиј подем по две последовни победи е запрен поради дефект на неговото Ферари.

Конечно, трката ќе ја памти и еден кој воопшто не беше учесник во неа – великанот на формула 1 Михаел Шумахер, чие име од вчера носи еден прочуен свиок на патеката во Нирбургринг.

Во генералниот палсман по 10-тата од вкупно 17 трки во светското првенство и натаму води Луис Хамилтон од Мекларен Мерцедес, но сега со само два бода предност пред Фернандо Алонзо, член на истиот тим. Фелипе Маса од Ферари има 11 бодови помалку од водечкиот, Кими Рајконен заостанува за 18. Кај тимовите предноста на Мекларен Мерцедес пред Ферари изнесува 27 бодови, БМВ Заубер е трет, но на големо растојание зад водечките.

Меѓународната автомобилска федерација в четврток ќе решава во врска со шпионската афера во формула еден – наводно, Мекларен Мерцедес подолго време добивал тајни информации од еден соработник на големиот конкурент Ферари. Спортскиот шеф на Мекларен Мерцедес Норберт Хауг не очекува дека на неговиот тим би можеле да му бидат одземени досега освоените бодови во првенството: “Можам категорично да кажам дека не сме користеле туѓи материјали за да го направиме подобар нашиот автомобил или за да собереме знаења”.

Тур д’Франс во борба со сеништето на допингот

Велосипедистите – учесници на годинашниот Тур д’Франс денеска треба да совладаат пат од 196 километри - се вози 15-тата од вкупно 20 етапи. Од вчера тие се борат со угорнините и удолнините на Пиринеите, планински масив меѓу Франција и Шпанија. Вчера најуспешен беше Шпанецот Алберто Контадор. Данецот Миахел Расмусен стигна втор и го зацврсти водството во генерален пласман.

И врз него, како и врз трката и целиот велосипедски спорт, падна сенката на допингот. Уште порано веќе четирипати одбил да се појави на допинг-контроли, поради што данскиот национален велосипедски сојуз го исклучи од репрезентацијата, а дел од учесниците на трката бараат тоа да го стои и неговиот тим Рабобанк. “Имаме јасна регулатива во која стои дека кој нема толку пати да се јави на контрола, ќе биде сметан за допинг-позитивен. И тој мора да се придржува кон тоа. Сега некој треба да реши дали треба да биде исклучен од Тур д’Франс” – вели германскиот возач Маркус Фотен.

Претходно беше објавено дека и тестот на членот на Те-мобајл Патрик Зинкевиц, направен пред трката, испаднал позитивен. Тој веднаш беше суспендиран, иако и без тоа поради повреда не можеше да продолжи да вози. Како реакција на новите допинг-откритија, првата и Втората програма на германската телевизија ги прекинаа преносите од трката. Но, публиката му останува верна на ова натпреварување.

Баерн уште во подготовките убедлив

Фудбалското првенство на Германија започнува на 11-ти август. Подготовките се во полн ек, се играат пријателски средби, а Лига-купот извонредно се вклопува во календарот. Шалке се мачеше со Карлсруе и дома забележа минимална победа од 1 спрема 0. Шлагер беше дуелот во Бремен меѓу Вердер и обновениот и засилен Баерн. “Од една страна, ние сме во фаза на подготовки, од друга, пак, се стремиме да го освоиме Лига-купот. Поради тоа сериозно му приоѓаме на натпреварот” – зборуваше тренерот на Баерн Отмар Хицфелд пред средбата. Настаните на стадионот во Бремен целосно му дадоа за право – Баерн го прегази Вердер со 4 спрема 1, иако домашните поведоа. Вердер, навистина, беше хендикепиран со отсуството на некои од клучните играчи, но и Баерн се уште не може да смета на напаѓачките квалитети на новодојдениот Лука Тони. Затоа пак, се виде што значи доаѓањето на францускиот интернационалец Франк Рибери – не само што ја организира играта, туку постигна и два гола. Повратникот Зе Роберто ја засили позицијата меѓу одбраната и средниот ред.

Утре во полуфиналето на Лига-купот се среќаваат Нирнберг и Шалке, а в среда играат Штутгарт и Баерн.

Зоран Јордановски