1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во очекување на визна либерализација

18 мај 2009

Денеска Европската комисија ќе ги запознае земјите-членки со напредокот на земјите-кандидати за визна либерализација. Македонија очекува одлуката да биде донесена до крајот на годинава.

https://p.dw.com/p/HsRK
Чекор до Европа?Фотографија: AP

Либерализацијата на визниот режим и добивањето на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, се главните надворешно-политички приоритети на Македонија во оваа година. Во тој поглед ,земјата дефинитивно има подобра стартна позиција кога станува збор за евентуалното влегување на т.н „Бела шенген листа“.

Оптимизам и кај власта и кај опозицијата

Политичарите во Македонија, и од власта и од опозицијата, не го кријат својот оптимизам , кој се базира пред се’ на внатрешните реформски постигнувања на земјата. Според Малинка Ристеска Јорданова- државен советник во Секретаријатот за европски прашања во владата , Македонија е најнапред од сите земји кандидати за визна либерализација и во голема мерка ги исполнила условите потребни за тоа.

„ Македонија, не само во последнава година, туку и во изминатите неколку години направи многу во целата преобразба во областа на правдата, безбедноста и треба да сме свесни дека тие услови што ги постави ЕУ одат многу подалеку од само воведување на нови пасоши. Тие всушност се оценка за цела една реформа, која што ја спроведовме во полицијата, судството значи целата област на правда и на внатрешни работи. Она што беше започнато пред повеќе години и во период на неколку влади , фактички треба да го донесе својот резултат сега и апсолутно не е нескромно и да се каже дека го заслуживме тоа“.

Оптимизмот се разбира е дополнително поттикнат и од изјавите на поддршка на дипломатскиот фронт, како оние на францускиот претседател Никола Саркози и на еврокомесарот за проширување Оли Рен од последниве денови. Се разбира, и најавата на Грција дека ќе го поддржи укинувањето на шенген визите за Македонија претставува дополнително охрабрување.

Skopje,Ulica Makedonija
Визната либерализација- позначајна за граѓаните од приемот во НАТО и ЕУФотографија: DW

Визната либерализација-приоритет

Според последните анкети и за близу 50 проценти од граѓаните на Македонија визната либерализација е најзначајна работа што може да и‘ се случи на земјата во наредниот период, далеку пред приемот во НАТО или добивањето датум за преговори за членство во ЕУ.

Амбасадорот на ЕУ во Скопје Ерван Фуере смета дека позитивната одлука да и‘ се одобри визна либерализација на Македонија ќе испрати порака до граѓаните на земјата дека и тие се дел од Европа од европскиот континент .

„ Не можете да ја засмислите фрустрацијата на студентите, на новинарите, на бизнисмените кои мораат да минат низ толку многу процедури за да земат виза за патување во странство дури и за само неколку денови. А станува збор за искрени патници кои сакаат да посетат други земји во ЕУ. Мора да им дозволиме да го прават тоа. Визната либерализација ќе биде огромна позитивна порака и големо охрабрување за граѓаните и за сите напори да се стане дел од европското семејство“

Од денешниот извештај на ЕК за подготвеноста на земјите од Западен Балкан за визна либерализација во наредните денови треба да произлезе формален предлог, кој ќе им биде доставен на сите земји членки на ЕУ, кои ќе го кажат своето мислење на состанокот на Советот на министри најавен за 25 мај.

Македонија и другите земји од регионот се надеваат дека одлуката за симнување на шенгенската бариера ќе биде донесена до крајот на годинава, а ќе почне да се применува од почетокот на 2010.

„ Секако дека сега очекуваме на сцена да стапат интегритетот и принипиелноста во донесувањето на одлуките на европските институции и Македонија да биде соодветно наградена за она за што веќе доби потврдна оценка“, вели Малинка Ристеска Јорданова- државен советник во Секретаријатот за европски прашања во владата.

Автор: Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска