1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во очекување на светскиот шампион

Златко Калински3 април 2013

Првпат во поновата спортска историја Македонија е домаќин на репрезентација, која е актуелен светски шампион. В среда во Скопје ќе гостува ракометната репрезентација на Шпанија во квалификациите за Европското првенство.

https://p.dw.com/p/187sv
Фотографија: Zlatko Kalinski

Момент за долго паметење за Ивица Обрван. Новиот селектор на ракометната репрезентација своето „деби“ во дресот на Македонија ќе го има против официјално најдобрата светска ракометна селекција. Во интервјуто за Дојче веле, Обрван вели дека знаел со каква тежина ќе биде неговата прва работна обврска:

„Го знаев тоа, уште пред да ја преземам репрезентацијата на Македонија.За мене овој момент е и чест и задоволство.Не ми е страв. Пред себе имаме цел, а тоа е пласман на Европското првенство во Данска.“

Македонија е меѓу 10-те најдобри репрезентации

Патиштата по кои чекорат тренерите се и непредвидливи и неизвесни. Што беше предизвикувачкото за Обрван, истакнато играчко и тренерско име во Хрватска,  да се пресели во македонската ракометна средина? Каква е во неговите очи репрезентацијата на Македонија?

„Мислам дека македонската ракометна јавност не може до крај да биде реална за квалитетот на ракометот во својата држава. Успехот, кој го постигна Македонија на Европското првенство минатата година во Србија кога беше 5-та , а можеше да се бори дури и за освојување медал е многу голем успех. Јас би го споредил дури и со дострелите на Хрвтаска кога освојуваше медали, бидејќи составот и квалитетот на играчите не беше широк. Тоа е една релативно тесна база,која прави големи резултати. Македонија во моментов би ја сместил во групата од 10 најдобри светски селекции, во зависност од моментот и формата на играчите. Јас ја ценам како високо квалитетна репрезентација и со задоволство ја  прифатив  поканата да бидам нејзин селектор.“

Handball WM Mazedonien vs Iceland 15.01.2013
Фотографија: Cristina Quicler/AFP/Getty Images

Победа против Швајцарија и уверлив пораз на гостувањето во Португалија е досегашниот учиноко на Македонија во квалификациите за ЕП предводена од претходниот селектор Звонко Шундовски.

Натпреварот против Шпанија е премногу блиску за да може Ивица Обрван да смени нешто и во составот и во играта на Македонија:

„Тоа е точно. Ќе имаме само 3 заеднички тренинзи откако ќе се комплетираме со пристигнувањето на Лазаров и Ристовски. Тоа е тешка ситуација за еден нов селектор. Нешто драстично да се менува во играта и во одбрана и во нападот, не би било добро. Мојата задача е тактички максимално да ја подготвам екипата, да бидеме дисциплинирани и храбри. Во ова кусо време што го имаме на располагање ќе треба  да добиеме играчка целина,која ќе ни овозможи да се фатиме во костец со  противникот, каков што е Шпанија.“

Можен ли е подвиг против големиот фаворит?

Ракометната еуфорија во Скопје предизвикана од Металург во Лигата на шампионите деновиве се пренесува на репрезентацијата. За тоа, дали е реално во јавноста да се подгрева победничка атмосфера спроти дуелот со светскиот шампион, Обрван вели:

„Реалноста е дека спортската јавност, публиката посакуваат успех. Но, треба да се биде реален и да се каже  дека Шпанија е голем фаворит во тој натпревар. Сепак, јас како тренер мислам дека во спортот секогаш е позитивно да се цели кон добар резултат и кон победа. Ние така ќе влеземе во овој дуел така  и ќе играме, со помислата дека можеме да ја изненадиме и да ја победиме Шпанија на домашен терен. За мене тоа не е невозможно да се оствари. Ако успееме, тоа ќе е голема работа.“

Како да се дојде до позитивен резултат против Шпанија? Според Обрван,неколку фактори се неопходни во играта на македонскиот состав:

„За да оствариме победа или нерешен резултат против Шпанија, потребно е да одиграме многу квалитетно во одбраната, да бидеме дисциплинирани во играта со што е можно помалку технички грешки, со добро одработен напад и конечно со добри голмани. Ова не е некоја мудрост, но мора се да се поклопи. Ќе играме против селекција ,која на сите позиции има по неколку одлични играчи.“

Handball WM Mazedonien vs Iceland 15.01.2013
Фотографија: Cristina Quicler/AFP/Getty Images

Ова е период кога заедно со селекторот, низ  првите свои работни денови минува и новото раководство на РФМ. Во спортот, многу често новите личности ги следат првични добри резултати:

„Би бил среќен кога со првите работни денови, мои и на новото раководство на ракометната федерација, дојдат и првите добри резултати. Моите впечатоци од досегашните контакти со водечките луѓе во РФМ се многу позитивни. Се надевам дека оваа наша соработка ќе резултира и со пласман на наредното Европско првенство.“- со оптимизам за Дојче веле зборува новиот селектор на ракометната репрезентација на Македонија, Ивица Обрван.