1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во подготовка нов закон за верски заедници

Горан Петрески27 октомври 2006

Додека Македонската православна црква го подготвува писмото за помирување со Српската црква, македонската влада подготвува нов закон за верски заедници. Според реакциите на странските експерти новиот закон нема да биде полиберален од актуелниот.

https://p.dw.com/p/AdbT
Фотографија: Fotomontage/AP/DW

Македонија не отстапува од членот што ја негира паралелната црква на Јован Вранишковски во Македонија, иако Европа бара поголеми верски слободи и толеранција,

Владата во Скопје е под силен меѓународен притисок да понуди закон за верски заедници што ќе биде полиберален од актуелната нацрт верзија. Главните забелешки се однесуваат на одредбата која што предвидува дека од една вероисповест може да биде регистрирана само една верска заедница во земјата. Владата на Груевски најверојатно нема да ги прифати сугестиите, бидејќи предложениот закон им одговара на двете најбројни конфесии во Македонија. Новиот претседател на владината комисија за односи со верските заедници и религиозните групи, Звонко Муцунски вчера во Скопје ги собра верските лидери на едно место за да го слушне нивниот став..,, Прерано е да се каже со која динамика ќе оди законот, но во секој случај тоа ќе оди во редовна постапка„ рече Муцунски.

Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи, тврди дека актуелната верзија на законот нуди реална слика за животот на верските заедници во Македонија. ИВЗ ќе го прифати она што ќе го поддржат и другите верски заедници.. Според Реџепи, спорниот член во нацрт законот не треба да се менува. ,, Нема да се брише тој член и нема да прифатиме тој член да се избрише со оглед на тоа што тоа е определба на верските заедници во Македонија. Верските заедници не измислуваат мислења, тие само практично ја пренесуваат желбата на верниците во РМ.„ рече исламскиот верски поглавар во Македонија.

Работната верзија на законот за верски заедници, која што сега е во игра, и‘ оди во прилог и на Македонската православна црква.. Со неа, паралелната црква на Јован Вранишковски нема да може да се легализира во Македонија.

,, Сепак законот се донесува за просторот на Република Македонија и за верските заедници во Македонија. Треба да се почитуваат животот, условите и се`она што значи живеење во РМ на верски план. Пред да го почнеме работењето на тој нов текст, ние посакувавме и сакаме закон кој што ќе биде во вистинска смисла закон, а не закон што ќе донесе беззаконие во Република Македонија на верски план“, изјави по средбата на верските лидери поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.

Таканаречената ПОА на Јован Вранишковски се испречува пред желбата за продолжување на дијалогот меѓу македонската и српската православна црква. Архиепископот Стефан вчера објави дека писмото до српскиот патријарх Павле, со кое ќе се бара обновување на преговорите, синодот на МПЦ ќе го состави и испрати дури кон средината на идниот месец.