1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во пожар загинаа седум деца и нивната мајка

ЕМФ/дв/ртр10 март 2013

Во пожарот во зградата во местото Бакнанг, кај Штудгарт, денеска (10.03) загинаа осум лица, сите членови на турско семејство. Турската влада бара брзо расчистување на случајот.

https://p.dw.com/p/17uc3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Турскиот вицепремиер Бекир Боздаг, во порака на Твитер, напиша дека очекува разјаснување на случајот „кое нема да остави простор за сомнеж“. Осумте тела (седум деца и нивната мајка) се најдени на првиот кат од зградата, соопшти портпаролот на полицијата Роналд Крец. Причините за пожарот не се утврдени, но засега се исклучува можноста да се работи за злосторство. „Воопшто нема знаци дека се работи за напад“, соопшто полициски портпарол.

Четири лица успеале да се спасат од пожарот бегајќи на еден балкон од каде што биле преземени од страна на пожарникари. Тие се префрлени во болница. Сведоци тврдат дека пожарот прво избил во станот на семејството на кое му припаѓаат жртвите. Во фокусот на истрагата е печката за затоплување. Полицијата соопшти дека во двата стана зафатени од огнот живееле 13 лица, но не се исклучува дека можеби имало повеќе луѓе во моментот на несреќата.

Brand Backnang
Фотографија: picture-alliance/dpa

Турскиот амбасадор во Германија, Хусеин Авни Карслиоглу, попладнево пристигна на местото на несреќата, во придружба на министерот за внатрешни работи на покраината Баден Виртемберг, Рајнхолд Гал.