1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во потрага по решение за кризата во Либија

14 април 2011

Ден по првата средба на Контакт групата за Либија во Катар, денеска (14.04.) во Берлин се среќаваат министрите за надворешни работи на НАТО. Kлучна тема ќе биде натамошното однесување на Алијансата кон кризата во Либија.

https://p.dw.com/p/10tEI
И Бан Ки Мун дел од учесниците на вчерашната средбаФотографија: picture alliance / dpa

Со оглед на продолжувањето на борбите во Либија, НАТО треба да ги засили воените дејства против силите на Моамер ел Гадафи, бараат францускиот претседател Никола Сакрози и британскиот премиер Дејвид Камерон. На синоќешната средба во Париз двајцата политичари побараа да се стават на располагање сите расположливи воени средства за да се зголеми притисокот врз режимот на Гадафи. Тој и понатаму води војна против сопствениот народ, се вели во заедничкото соопштение на Саркози и Камерон.

И американската администрација поднесе нови докази дека силите лојални на Гадафи го напаѓаат цивилното население во градот Мисрата, што веќе со недели го држат под опсада. Шефицата на Стејт департментот, Хилари Клинтон, која ќе учествува на денешната средба на НАТО министрите во Берлин, порача дека Гадафи се обидува и да го изгладни населението на Мисрата за да го скрши отпорот.

Расмусен: Иднината му припаѓа на народот на Либија

Libyen Kontaktgruppe Katar Rasmussen Al Chalifa
Расмусен: Играта е завршенаФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, вчера од Катар испрати јасна порака до Гадафи:

„Мислам дека најважната и сеопфатна порака од денешната средба гласи: играта е завршена, актуелниот режим на Либија нема иднина. Иднината му припаѓа на народот на Либија. Меѓународната заедница стои обидинета во намерата да му помогне на либискиот народ да ги оствари легитимните барања. Ќе продолжиме со заштитата на цивилите се` додека либискиот режим продолжува систематски да ги напаѓа сопствениот народ. Таквата позиција ќе биде потврдена и на средбата во Берлин!“

Расмусен се заложи за политички процес за Либија, бидејќи е јасно дека нема да има воено решение за конфликтот меѓу Гадафи и востаниците. Слична порака упати и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле:

„Германија ќе го поддржи политичкиот процес. Сакаме да им помогнеме на луѓето, да ги заштитиме, тоа се однесува и на бегалците. На крајот на дискусијата мора да биде јасно дека сакаме политичко решение, а не воено!“

На првата средба на Контакт групата во главниот град на Катар, Доха, учествуваа претставници на преку 20 држави и меѓународни организации, меѓу кои беше и генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун. Тој побара од меѓународната заедница единство во ставот околу кризата во Либија, што јасно зборува дека се’ уште постојат големи разлики. Денешната средба на НАТО министрите во Берлин нуди уште една прилика за приближување на ставовите.

Автор: Тим Јаншки/Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема