1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

NATO Sinnsuche

18 мај 2010

Во предлог-стратегија за обнова на НАТО, подготвена од група експерти под раководство на поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт, се наведени задачите на Алијансата за наредните 10 години.

https://p.dw.com/p/NQ8v
Фотографија: AP / DW-Fotomontage

Над шест децении по основањето, време е НАТО да ги обнови „ветувањата за брак“, вели Медлин Олбрајт: „НАТО не смее да дозволи опасностите на 21 век да ги разделат политичарите и да ја ослабнат нашата колективна решителност“, вели Олбрајт.

Madeleine Albright
Медлин Олбрајт раководи со групата експертиФотографија: AP

Поранешната американска министерка за надворешни работи раководи со групата експерти која требаше да размисли кои задачи НАТО треба да ги исполни 60 години по основањето и над 20 години од крајот на студената војна. Досега, воениот сојуз има направено еден нов стратешки концепт, но и од него се минати години, зашто тој беше подготвен пред нападите од 11 септември. Сега, како што се вели во новата предлог-стратегија, алијансата треба да биде подготвена за одбрана од терористи, од сајбер-напади и да знае да одговори на нападите врз важни институции.

Не смее да се заборави и главната задача на НАТО

Тоа го бараат особено новите членки на сојузот од Источна Европа кои порано беа дел од Варшавскиот пакт. Медлин Олбрајт оцени дека новата предлог-стратегија одговара на ваквите барања: „Алијансата и натаму има обврска да ја гарантира безбедноста на нејзините членки. НАТО мора да го задржи миксот од конвенционално оружје, нуклеарно оружје и противракетна одбрана, а треба да има и планови за реагирање во итни ситуации и планови за маневри, за членките да можат да веруваат дека нивните граници навистина се бранат.“

Од статична до мобилна алијанса

Истовремено, алијансата мора и натаму да се менува. Од моќна, но статична алијанса во времето на студената војна, НАТО мора да чекори во насока на флексибилна, мобилна и прилагодлива алијанса. Така стои во предлог-стратегијата буквално. Во нејзе се споменува и Иран и опасноста од ракетни напади што произлегува од таа земја. Групата експерти, затоа, бара една од задачите на НАТО да стане против-ракетната одбрана. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен вели: „Тоа претставува вистинска закана против која ни‘ е потребна вистинска заштита.“

NATO Flagge Logo
Фотографија: NATO

Според Расмусен, потребен е ефективен систем за против-ракетна одбрана, кој ќе ги опфати сите луѓе од сите сојузнички земји. Но, истовремено, алијансата мора да се направи и поштедлива. Актуелната финансиска криза можеби е вистинскиот поттик за неопходните реформи во таа насока. За, како што вели Расмусен, да можеме разумно да ги трошиме парите.

Автор: Андреас Ројтер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска