1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Приштина не е празник

Обработка: Елизабета М. Фиданоска (ФР, ФАЦ, ЗЦ)10 септември 2012

Четириполгодини по прогласувањето независност, Косово станува целосно суверено. Денеска се укинува меѓународното надгледување на независноста, но Косово нема многу причини за славје, коментираат германските весници.

https://p.dw.com/p/1664l

„Денеска меѓународната заедница го повлекува својот ’цивилен претставник’ од Приштина, но на Косовците не им е до славје, иако, според меѓународното право, сега само тие самите се одговорни за својата судбина“, оценува весникот „Франкфуртер Рундшау“ и продолжува:

„Една од главните причини за недостатокот на расположение за забава е економијата, која е на дно. Невработени се официјално 47 проценти од работоспособното население, плус неофицијалните цифри кои се исто така големи. Приходот по глава на жител изнесува околу две илјади евра годишно - во повоена Босна и Херцеговина тој е двојно повисок, а во соседните Албанија и Македонија три пати поголем. Се произведува малку. Индустријата, речиси исклучиво преработка на прехранбени производи, го снабдува само слабиот домашен пазар и мора да стравува од секој странски конкурент. Се увезува седум пати повеќе отколку што се извезува. Што и да се земе како категорија за споредба - очекувањата од животот, квалитетот на животот, Косово е на дното на Балканот.

Ако се‘ не се подобри набргу, тогаш многу бргу се‘ ќе стане полошо. Секоја година на пазарот на работна сила притискаат по 25 до 35 илјади млади. Тие, поради недоволниот број претпријатија и фирми, одвај наоѓаат место за изучување занает или обука при работа, а универзитетска диплома има само секој дваесетти. Образованието и онака не е од полза, тврдат исфрустрираните млади луѓе, категорија во која стапката на невработеност изнесува дури 73 проценти. Од нив 39 проценти наведуваат дека најважна ’квалификација’ за работно место се семејните врски, а 18 проценти велат дека работа се добива само со мито. На прво место виновна за мизеријата е државата, за која Косовците толку копнееја. Во една анкета на 600 претприемачи меѓу најголемите пречки за инвестирање не е наведен, на пример, недостигот од квалификувана работна сила, туку ’нефер конкуренцијата’... Хероите на неависноста денес се омразени. Ако во 2008 година на премиерот Хашим Тачи му веруваа 72 процента од избрачите, денес се тоа само 24%. Владата и парламентот имаат мизерна доверба, а најниска е довербата во судовите и обвинителите. Четворица од петмина Косовци се незадоволни од политичкиот и економскиот развој“, наведува „Франкфуртер Рундшау“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пак, констатира:

„Десетти септември 2012 година ќе остане запишан само како формален засек, зашто независноста на Косово и натаму ќе остане и надгледувана и нецелосна. Нецелосна, затоа што втората најмлада држава во светот, за разлика од најмладата (Јужен Судан), не е членка на Обединетите нации, ниту пак на другите здружувања на меѓународната заедница, се‘ додека Србија и Русија тоа го спречуваат. Надгледувана, затоа што и покрај распуштањето на Меѓународната управувачка група (ИКО) постои цела низа институции кои ја следат работата на косовските политичари. Мандатот на ЕУЛЕКС ќе трае барем до јуни 2014 година, а на Косово остануваат стационирани и меѓународните заштитни сили КФОР, на чие чело со години се сменуваат германски команданти. Тројца од вкупно деветмина судии во косовскиот Уставен суд ќе бидат странци назначени од страна на претседателот на Европскиот суд за човекови права, како и што е предвидено со косовскиот Устав. И на други места во косовското правосудство седат странци. Согласно Уставот, право на глас странци имаат и во други институции на косовската држава, како во Агенцијата за приватизација. Косово значи нема толку бргу да се ослободи од меѓународните надзорници“, проценува „ФАЦ“.

Под наслов „Контролирано самоопределување“, весникот „Зиддојче цајтунг“ денеска исто така заклучува дека меѓународната заедница и натаму во позадина ќе има право на збор во Косово:

„Задача на ИКО беше да го надгледува спроведувањето на планот на посредникот Марти Ахтисари за независноста на Косово и да помогне во изградбата на функционална држава. Шефот на ИКО Питер Фејт прилично ги промаши овие цели. На почетокот на својот мандат холандскиот дипломат, кој како што дознаваме заработувал 20.000 евра месечно, најави дека неговата група ќе биде присутна секаде на Косово. Но интеграцијата на српски контролираниот северен дел досега не успеа. Таму, од другата страна на реката Ибар и во поделениот град Митровица, српско-албанските амфијашки банди речиси непречено шверцуваа, а националистите со кои управува Белград отвораа оган врз мировните сили на НАТО кога тие се обидуваа да ги тргнат уличните барикади и да помогнат на сцена да стапи државата... Иако шефот на ИКО како ’последна инстанца’ можеше и да отпушта корумпирани политичари, Питер Фејт никогаш не посегна по таква мерка“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.