1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Русија се гледа со скепса на самитот на НАТО во Летонија

28 ноември 2006

Иако Авганистан се профилира во централна тема на самитот во Рига, таму сепак станува збор и за проширени партнерства, па индиректно и за проширување на НАТО. На тоа Русија гледа со растечка грижа. Херман Краузе известува за расположението во поранешната светска сила кон одржувањето на самит на НАТО сојузот во една од поранешните советски републики, Летонија.

https://p.dw.com/p/AdvY
Рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов
Рускиот министер за одбрана Сергеј ИвановФотографија: picture-alliance/dpa

“НАТО се приближува се‘ повеќе“ - осамна еден руски весник со голем наслов, небаре се‘ уште живееме во времињата на студената војна. Ваквиот став на уредникот меѓутоа не е осамен во руската јавност.

“Секогаш поставувам против прашање: зошто постои уште НАТО? Тоа е и понатаму воен сојуз, што не го измени својот статус, иако не постои повеќе спротивниот Варшавски пакт, ниту пак Советскиот Сојуз. Би можеле да имаме мир и благосостојба во Европа и без воени блокови“ - посочува претседателот на Одборот за одбрамбено политички прашања на рускиот парламент, Виктор Иљушин.

Едно време руските претседатели дури се носеа со идејата да му пристапат на НАТО. За неа многу се залагаше особено Борис Елцин. Под Владимир Путин односите меѓу Русија и НАТО не се влошија во некоја позначајна мера. Впрочем Русија е застапена во повеќе тела, како на пример во Советот НАТО-Русија, каде постои и интензивна соработка по одделни прашања.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов изјави дека самитот на НАТО во соседна Летонија не го загрижува, но доколку таму би се одржале маневри на воените единици на НАТО, тоа би го вознемирило. Сепак, веќе најавите дека Грузија, како поранешна советска република би можела да биде примена во Северно атлантската алијанса, предизвикува скепса. Пратеникот Иљушин вели:

“Уверен сум дека веднаш штом нашите сили ќе ја напуштат Грузија, НАТО ќе се всели таму. Алијансата сака да го стави под контрола целиот кавкаски регион. Од воените бази во Грузија лесно може да се дојде до Иран.“

Претседателот Владимир Путин најави повлекување на руските војници од соседна Грузија до 2008-та година. Веќе сега во оваа земја има голем број американски воени советници, а НАТО ја снабдува со тенкови, авиони и друга воена опрема. Ваквиот развој на состојбата наидува на голема скепса во сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија, каде има силно присуство на руско населние.