1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во светот криза, а германското стопанство бележи пораст

Карл Завацки19 мај 2008

Финансиска криза, високи цени на нафтата и гасот, скапо евро - ништо не го запре германското стопанство. Тоа е можеби и поробустно, отколку што претпоставуваат многумина експерти. Коментар на актуелните економски текови.

https://p.dw.com/p/E1HV
Германското стопанство бележи двојно поголем пораст од европското во првиот квартал од годинаваФотографија: AP

Изненадувачки добри податоци за првиот квартал од годинава: пораст од 1.5 насто споредено со последниот квартал лани, кога беше остварен пораст од само 0,3 проценти. Сензационален подем - но бројките сепак не треба да не доведат до погрешни заклучоци. Повнимателен поглед би ги осознал причините за неочекувано силниот пораст, но и тенденциите кои би можеле да влијаат врз натамошниот развој.

Рекордните извози со години беа мотор на конјунктурата; тој сега се префрли на домашен терен. Во првиот квартал од странство дојдоа релативно малку динамизирачки импулси. Клучен беше порастот- и пред се’ поскапувањето на увозот, на пример кај енергенсите, но и скапото евро исто така, што остави траги на кочење кај извозот и значително го намали надворешно-трговскиот суфицит.

Помогна и благата зима

Но, затоа пак, скок бележат домашните инвестиции, оти многу претпријатија ги модернизираат или шират своите производни капацитети. Многу инвестициони планови не се докрај реализирани во минатата година и се пренесени во оваа, што ја напумпа статистиката. На ова се надоврза и необично благата зима - речиси целосно без снег и мраз, па не само што не дојде до вообичаениот прекин на градежните активности, туку тие во првиот квартал од 2008-ма речиси драматично се зголемија во споредба со истиот период лани. Сево ова значи дека во пресметките за порастот во вториов квартал туку-речи е програмирано назадување во статистиките.

Конечно повлече и домашната конјунктура

Но, германското стопанство останува на курс на пораст. Веќе во првиот квартал бележи пораст многу години слабата приватна потрошувачка. За растење на куповната моќ на населението каква што долго време немало, зборуваат фактите за пораст на вработувањето од 1,8 насто во споредба со првото тримесечје лани, како и веќе склучените и натамошни во текот на годинава очекувани тарифни договори за позначаен пораст на платите. Тоа ќе и’ даде поттик на потрошувачката. Порастот на германското стопанство доаѓа од неговата сопствена сила.

Германија - локомотива на европското стопанство

Знаците зборуваат дека се на сигурна почва владините прогнози за стопански подем од 1,7 проценти на ниво на целата година. Економски истражувачи уште одамна сметаат дека се можни два процента или и малку над тоа. Притоа посебно радува опаѓањето на инфлацијата. Од 3,1 насто во март, порастот на цените во април спадна на 2,4 процента.

И во споредба со другите земји на ЕУ се покажува дека германската економија е една од локомотивите на стопанскиот пораст во Европа и токму среде во кризата турка со полна пареа. Оти, просекот на порастот во ЕУ во првиот квартал изнесува 0,7 насто, помалку од половина од германскиот. Но, тоа значи и дека за извонредно извозно зависното германско стопанство има и натамошна опаснот: слабата конјунктура во партнерските земји од ЕУ.