1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Сирија изби детска парализа

ЖА/ард/дпа/ртре29 октомври 2013

Во Сирија меѓу малите деца изби детска парализа, потврди Светската здравствена организација. Случаите се регистрирани во североисточниот дел од земјата, а најголем дел од заболените се на возраст под 2 години.

https://p.dw.com/p/1A7pJ
Фотографија: UNICEF/Asad Zaidi

Портпаролот на Светската здравствена организација, Оливер Розенбауер, денеска во Женева изјави дека полиомиелит, познат како детска парализа е потврдена во десет од вкупно 22 сомнителни случаи:

„Откриен е полиомиелит од прв тип, а се очекуваат резултатите од анализите на другите 12 деца“, нагласи Розенбауер.

Портпаролот на СЗО нагласи дека е голема опасноста заболување да се прошири во регионот. Полиомиелит е акутно инфективно заболување, предизвикано од полио вирусот. Тоа се манифестира со сериозен менингитис, парализи и атрофирање на мускулите. Најчесто заболуваат децата. Болниот ги исфрла вирусите преку слузот и фекалиите и претставува извор на зараза. Главниот пат на пренесување на болеста е факално-орален.

Во погодениот регион во Сирија постои опасност од заболување на повеќе од сто илјади деца. Уште минатата недела Розенбауер предложи итно вакцинирање, но нејасно е како тоа да биде спроведено во земјата зафатена од граѓанска војна. Провинцијата Деир ал-Сур е во рацете на бунтовниците, а делови од истоимениот град под контрола држат владините сили. Кампања на имунизирање би требало да биде спроведена и во соседните земји, каде престојуваат стотици илјади бегалци од Сирија.

Во меѓувреме Турција ја заостри критиката кон меѓународната заедница поради нејзината, како што тврди Анкара, недоволна подготвеност за помош на луѓето во Сирија.

„Разочаран сум и фрустриран што се‘уште отсуствува соодветна реакција на меѓународната заедница во Сирија“, изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу во Катар. Турција веќе прими околу 600 илјади бегалци од Сирија, а границата и натаму останува отворена.