1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје се отвора сезоната на еврокуповите

Златко Калински2 јули 2013

Металург и Карабак денеска први истрчуваат, отворајќи ја сезоната 2013/14 во Европските фудбалски купови. Натпреварот ќе се одигра денеска попладне на Филип Втори Арената во Скопје во рамките на Лигата на Европа.

https://p.dw.com/p/1903N
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Металург 4-ти пат во својата клупска историја ќе е дел од квалификациите на Лигата на Европа. Македонскиот фудбалски вицешампион по завршувањето на националното првенство немаше многу време за подготовки. Тренерот Срѓан Захариевски за стартот во новата сезона вели:

„Наш хендикеп е што почнуваме уште од првото квалификационо коло. Имавме 15-тина дена за подготовки, но мислам дека ќе се претставиме во добро светло против Карабак.“

Металург не претрпе големи измени во играчкиот состав, физиономијата на тимот главно останува иста:

„Си заминаа голманот Павловиќ, Драговиќ и Петковски. На стоперската позиција обезбедивме соодветна алтернатива во Бериша, кој дојде од екипата на Шкендија. Имаме искусен, добро уигран тим, кој со амбиции ќе влезе и во новото македонско првенство.“

Не е добро искуството на Металург во дуелите со Карабак. Во 2010-та година во истото натпреварување Металург беше елиминиран по нерешените 1:1 во Скопје и поразот од 1:4 на гости. Захариевски се надева на поинаков епилог и на прва победа на „металците“ во европските купови:

„Фудбалот во Азербејџан е во постојана експанзија. Карабак на хартија одново е фаворит, но мислам дека Металург има шанса. Ќе се надигруваме, ќе се обидеме да дадеме еден гол повеќе и победнички да го завршиме денешниот натпревар во Скопје.“

Тетекс и Хоризонт Турново ќе стартуваат задутре

Во Лигата на Европа ќе истрчаат и другита два македонски претставници Тетекс од Тетово и Хоризонт од Турново.

Stadion Philip der Zweite in Skopje
Фотографија: DW

Тетекс, иако испадна од Првата македонска лига, како победник во Купот зачекорува на меѓународниот фудбалски полигон. Во Скопје ќе е домаќин на Пјуник од Ереван. Тренерот Горазд Михајлов зборува за предизвикот со кој се соочени:

„Ова е посебен момент за сите во клубот. Направивме напор да се засилиме за претстојниот натпревар против Пјуник. Работнички ни го отстапи напаѓачот Анѓелов, со Напредок се договоривме да ни го позајми Балажи. Имаме искусен тим. Тоа е нашиот адут против гостите од Ереван.“

Со какви сознанија Тетекс влегува во двомечот со Пјуник?

„Гледав неколку нивни натпревари. Имаат состав од интернационалци, членови и на сениорската и на младата репрезентација на Ерменија. Ги краси добра физичка подготвеност и голема борбеност. Ќе биде интересно,“вели за Дојче веле Горазд Михајлов.

Фудбалерите на Хоризонт од Турново ќе дебитираат на европската сцена. Тие отпатуваа во Литванија за да ги испишат првите редови од новата страница од клупската историја. Хоризонт и‘ гостува на екипата на Судува со надеж дека ќе обезбеди добар резултат пред реваншот во Скопје.

И Тетекс и Хоризонт своите први натпревари во квалификациите за Лигата на Европа ќе ги одиграат задутре.