1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Талин презентирана македонската култура

6 ноември 2011

Со спектакуларен настап на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во реномираната концертна сала „Нокиа“ во Талин, европската престолнина на културата за 2011 година, завршија „Деновите на македонската култура“.

https://p.dw.com/p/135v7
ТалинФотографија: DW

И покрај големиот број културни настани кои се случуваат во Талин, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа целосно го привлече вниманието на естонската јавност. Во распродадената сала, пред повеќе од 2000 присутни граѓани на Талин, претставници на дипломатскиот кор, поранешниот претседател на Естонија Арнолд Рутел, познати уметници и интелектуалци на Естонија и други високи гости, македонскиот амбасадор на културата беше испратен со овации и бурен аплауз. Пред публиката во реномираната концертна сала „Нокиа“ „Танец“ ги понуди сценските адаптации на „Тешкото“, „Седенка“, „Малешевка“, „Беломорски“ и „Драчевка“, а преку изведбата на македонските ора го пренесе најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ.

Die Altstadt Tallins
Историскиот центар на ТалинФотографија: Tallinn City Tourist Office & Convention Bureau

Покрај настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа во рамките на „Деновите на македонската култура“ , концерт во клубот „Балоу“ во Талин одржаа Кирил Џајковски и неговиот бенд.

„Македонската култура продира во светски размери, а ние како Министерство за култура изминатиов период направивме многу за меѓународна промоција на културата, преку проекти и настани. Ќе се трудиме и во иднина да продолжиме во оваа насока бидејќи имаме што да покажеме, имаме што да претставиме пред светската јавност“, изјави синоќа министерката Елизабета Канческа – Милевска по завршувањето на концертот на ансамблот „Танец“ во концертната сала „Нокиа“.

Автор:СН/ЖА/миа

Редактор: Ж. Ацеска