1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Украина денеска се одржуваат предвремени избори

30 септември 2007

Изборите се свикани како излез од политичката криза во земјата, до која дојде поради борбата на про-руските и про-западните сили. Клаус Даман ги појаснува позициите на огорчените политички противници во земјата.

https://p.dw.com/p/BlIT
„Јазичето на вагата„: лидерот на опозицијата Јулија Тимошенко на предизборен митингФотографија: picture-alliance/dpa

На изборите се кандидираа претставници на 20 партии и политички здруженија. Најголеми шанси меѓутоа имаат партиите на тројцата огорчени политички противници: претседателот на државата Виктор Јушченко, премиерот Виктор Јанукович и лидерот на опозицијата Јулија Тимошенко. Првиот, претседателот Јушченко ги свика предвремените избори во надеж дека тие ќе донесат поголема јаснотија и на една од партиите ќе и‘ дадат јасен мандат да ја води судбината на земјата:

“Живееме со Бога и решаваме во духот на уставот. Уверен сум дека Украина ќе го реши овој проблем“ соопшти Јушченко кога го објави одржувањето нови избори.

Против предвремените избори огорчено се бореше остриот ривал на претседателот, премиерот Виктор Јанукович:

“Уверен сум дека за предвремени избори нема ниту економска, ниту општествена основа. Тоа се само амбиции на политичарите од опозицијата. Со тоа ќе биде задоволен само претесдателот на Украина.“

Третата во групата најистакнати политички лидери, шефицата на опозицијата Јулија Тимошенко беше прво најблизок сојузник на претседателот за време на “портокаловата револуција“ , потоа тој ја разреши од функцијата премиер, за подоцна повторно да бара соработка со неа. Таа што се однесува до предвремените избори порача:

“Не треба да се плашиме од нови избори!“

Но, дали тие навистина ќе донесат излез од политичката криза, тоа е нејасно. Моментално најсилна е партјата на премиерот Виктор Јанукович, кој е про руски ориентиран. Нејзе и‘ се припишуваат и најголеми шанси да победи на изборите. Јанукович успеа да ги освои сипматиите на луѓето на истокот и југот на Украина, како и поддршката на стопанските босови. Во тие делови на Украина именио се зборува повеќе руски, отколку украински. И руската телевизија почесто се гледа отколку украинската. Јанукович како прагматичар во меѓувреме поднаучи украински во обидот да ја освои симпатијата и на граѓаните во западните делови на земјата.

Водачот на опозицијата Јулија Тимошенко, пак, се движи токму во спротивната насока. Таа ја има поддршката на про-западните избирачи во западните делови на Украина, но затоа во изборната кампања се изјасни за подобрување на врските со Москва. Нејзе анкетите и‘ ветуваат дури 25% од гласовите, со што би била повторно втора политичка сила во земјата. Таа би можела да ја одигра улогата на јазиче на вагата, бидејќи како сојузник ќе му треба како на премиерот, така и на претседателот.

На партијата на Претседателот Виктор Јушченко испитувањата на јавното мнение не и‘ ветуваат повеќе од 12 проценти. А и тоа е повеќе капитал од времето кога ја предводеше портокаловата револуција.