1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во црква со дозвола

Горан Петрески21 јануари 2009

МПЦ е во отворен судир со дел од медиумите во Македонија. На две национални телевизии и на еден дневен весник им е забрането да снимаат и да фотографираат во црквите и манастирите без дозвола. Спорот предизвика реакции.

https://p.dw.com/p/GdPX
Првите луѓе на МПЦФотографија: DW

Македонската православна црква ги обвинува медиумите за самоволие и сензационализам, новинарите, пак, тврдат дека црквата им се одмаздува поради известувањето за финансиските афери во црковниот врв. Новите правила за комуникација со медиумите црквата ги објаснува на следниов начин:

„Поради се' позачестените пројави на самоволие, непочитување и несоодветно однесување во црквите и манастирите од страна на вашите новинарски екипи, не се дозволува снимање и фотографирање без претходно добиена писмена согласност од Епархијата“, стои во дописот на црквата испратен до редакциите на ТВ „Алфа“, ТВ „Сител“ и „Вечер“.

Николовски: обид да се замолчат медиумите

Новинарот на „Сител“ кој ја следи црковната проблематика, Марјан Николовски, смета дека причина за ваквата одлука на црквата се извештаите за финансиските скандали со кои беше поврзуван црковниот врв.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje
Спорно е известувањето на медиумите за МПЦ?Фотографија: AP

„Тоа не е ништо друго освен обид да се замолчат медиумите што пишуваат за работи за коишто црковните великодостојници веројатно не сакаат да слушаат“, вели Николовски во изјавата за „Дојче веле“. Забраната што ја воведе црквата испровоцира остра реакција во јавноста.

„Цензурата на медиумите е белег на едно минато време, во современото општество таа не е дозволена“, тврдат во Здружението на новинари на Македонија. Претседателот на здружението, Роберт Поповски, за „Дојче веле“ изјави: „Во надеж дека ќе се искоригираат и ќе сфатат дека и за свештените лица важат земските закони во оваа држава и оти ако сакаме да се почитуваме мораме да се договориме и да ги најдеме сите пропусти што се случиле. Во спротивно, ваквото реагирање навистина не води кон ништо“, рече Поповски.

МПЦ се огласи со соопштение

Секретарот на скопската епархија, Коста Станоевски, прво се согласи да зборува за односот на црквата кон медиумите, но потоа не одговараше на повиците на „Дојче веле“. Во писмено соопштение црковните власти објаснуваат дека не станува збор за забрана туку за примена на воспоставената практика на позитивните црковни закони. „Во црквите и манастирите, џамиите и во синагогите, не само во Македонија, туку секаде во светот, може да се снима и фотографира исклучиво со одобрение на надлежните верски власти“. Натаму во соопштението на МПЦ стои:

„Познато е дека вртоглавото бркање сензационалност е само покривање на скромните професионални новинарски квалитети. Ако ова се стандардите на македонското новинарство, зад кои стои и ги поддржува ЗНМ, нека ни е Господ на помош“, се посочува во реакцијата на Скопската епархија.

Повеќе скандали поврзани со МПЦ

Во последно време Синодот на Македонската православна црква беше поврзуван со неколку големи финансиски скандали. За последниот во кој стануваше збор за начинот на кој е купен струшкиот хотел „Изгрев“ дел од инволвираните бизнисмени завршија во притвор. Полицијата истражува дали во финансиската измама тешка неколку милиони евра се вмешани и црковни лица. За пресметката на МПЦ, најбројната и највлијателна религиозна заедница во Македонија со медиумите, се заинтересира и Европската асоцијација на новинари.